Memorandum_mk
02.09.2024
СООПШТЕНИЕ ОД УЈП ПО ОДРЖАН БРИФИНГ СО НОВИНАРИ

Директорката на УЈП м-р Елена Петрова, денес на одржаниот брифинг со новинари ја објасни состојбата во Управата за јавни приходи која се однесува на вработените во УЈП и одлуките на Државниот инспекторат за труд.

Таа им соопшти на новинарите дека на Управата за јавни приходи и се наложува инспекциска мерка за поништување на Одлука за распоредување на работни места со промена на договорите за вработување и склучување на нови договори донесена на 12 февруари оваа година. За настанатата состојба остваренисе низа состаноци внатрешно во УЈП со синдикатите и претставници од засегнатите сектори, како и надворешно со Министерството за финансии, Министерството за јавна админиострација и експерти по трудово право.

Денес, со Одлука бр.04-5073/1 од 02.09.2024 год., ја поништив Одлуката број 04-992/1 од 12.02.2024 год., со што се поништуваат нејзините правни последици, што значи дека престанаа да важат договорите што се склучени во текот на февруари и март оваа година. Затоа, веднаш пристапив кон понудување на нови договори кои веќе се во тек на достава до сите вработени – истакна директорката.

Со поништувањето на Одлуката од 12.02.2024 год., враќањето назад на позициите како да не постоела таа Одлука, значи дека договорите и решенијата за распоредување по старата систематизација се на сила сè до склучување на договорите кои се понудени сега. Уште понатаму, ова значи дека во изминатите месеци, 129 вработени земале повисоки плати врз основа на сега поништените договори и сега се создава обврска за надоместување/враќање на разликата. Ваквите финансиски последици се на товар на вработените, но без никаква нивна вина. Имајќи го ова во предвид, заеднички со синдикалните организации од УЈП, со кои одржавме неколку состаноци, бараме начини за "ублажување" на овие финансиски последици. Последно, упативме допис до ДИТ за произнесување од нивна страна, имајќи го во предвид ставот на синдикалните организации дека за незаконското постапување на работодавачот-УЈП не може да постои одговорност од страна на вработените, за кое нешто е воспоставена судска пракса, а и позитивните законски прописи пропишуваат дека не постои вина на вработениот доколку истиот не причинил штета, не сторил кривично дело или не по негова вина постапувал спротивно на работните задачи и функцијата која ја обавувал. – рече Петрова

Со новите договори кои сега се понудени, сите вработени во УЈП ќе бидат распоредени како даночни службеници, што е во согласност со Законот за Управата за јавни приходи. Вработените кои претходно имале статус административни службеници, со новите договори треба да се "интегрираат" во даночните функции. Непостоењето на систематизирани работни места (како даночни службеници, согласно ЗУЈП) за функциите општи, заеднички и финансиски работи во правилниците од 09.02.2024 год. ја става цела УЈП пред ризици. Овие работни процеси ќе се организираат како дополнителни работни задачи на даночните службеници.

Следен чекор за УЈП е изготвување нова функционална анализа и нови акти за внатрешна организација и систематизација на работните места, од причина што постојните правилници не се во согласност со Законот за УЈП и систематизираат работни места и за даночни и за административни службеници. Новите правилници ќе обезбедат простор за движење во кариерата, со што особено се погодени вработени кои повеќе години немаат такво движење.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија