Memorandum_mk
06.08.2024
УЈП НА СРЕДБА СО СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ ОД ПРИЛЕП

Во пресрет на манифестацијата Пиво фест која ќе се одржи овој викенд во Прилеп, даночни службеници вчера одржаа работна средба со стопанствениците кои закупиле штандови по повод оваа манифестација. На средбата даночниците ги појаснија законските одредби од Законот за регистрација на готовински плаќања и Законот за данок на личен доход односно какви дејствија треба да преземат даночните обврзници со цел бидат усогласени со даночните закони.

Сите стопанственици кои закупиле штанд по повод оваа манифестација на кои ќе продаваат разноразни производи (пиво, сокови, храна) потребно е да користат одобрен фискален апарат во доволен број, и за секоја услуга односно за секоја продажба да издаваат фискална сметка, да стават соопштение на видно место со кое ќе го информираат купувачот за неговата обврска да бара фискална сметка, во книгата на дневни финансиски извештаи да го евидентираат остварениот промет за секоја фискална каса и навремено а најдоцна наредниот ден да го уплатат дневниот промет на трансакциска сметка кај носителите на платен промет.

     

Даночните службеници присутните ги информираа и за одредбите од Законот за личен доход кој се однесува на закуподавците. Појаснија дека пријавувањето на доходот од издавање во закуп или подзакуп на недвижен имот на друго физичко лице, задолжително се врши до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој имотот е даден во закуп или подзакуп со поднесување на Електронска пресметка и докази преку системот е-Даночни услуги.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија