Даночните инспектори и контролори изминатиот викенд извршија повеќе контроли во туристичко - угостителските објекти во Охрид, Струга и Дојран. Контролите беа спроведени по Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП) во вкупно 108 објекти.
Од извршените контроли кај 49 даночни обврзници се утврдија неправилности кои се однесуваат на:
- прекршок согласно член 21-б од Законот за регистрирање на готовинските плаќања за неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра (член 2);
- прекршок согласно член 21 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку не закупи и не регистрира резервна фискална апаратура (член 13);
- прекршок согласно член 21 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку не води книга за дневни финансиски извештаи (член 11 став 4);
- прекршок согласно член 21-а од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку не води итна сметковотствена книга за извршениот промет на добра, односно на услуга (член 12 став 2);
- прекршок согласно член 21 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку на видно место не поставил соопштение со кое го информира купувачот на добро, односно корисникот на услуга за неговата обврска да бара фискална сметка (член 7);
- прекршок согласно член 21-а од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку не ги чува и одржува во исправна состојба фискалните апарати (член 14 став 1);
За констатираните прекршоци согласно ЗРГП, од страна на Управата за јавни приходи изречени се глоби за даночните обврзници и одговорните лица на истите.
Согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП) даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето не се извршува по банкарски пат, односно плаќањата ги вршат во готово (готовински плаќања), должни се да да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат фискална сметка за извршениот промет односно услугата.
Граѓаните кои се соочуваат со неиздавање на фискална сметка или им се издава сметка која не ги содржи елементите на фискалната сметка ги повикуваме да пријавуваат на бесплатните телефонски линии на УЈП 198, или да поднесат претставка писмено во канцелариите на УЈП или на маил на info@ujp.gov.mk како и преку апликацијата МојДДВ.
Управата за јавни приходи редовно врши контроли над спроведувањето на одредбите од Законот за регистрирање на готовински плаќања. Основ за постапување е самиот закон а контроли се вршат и по пристигнати пријави на линијата 198, пријави во писмена форма на инфо линијата, контроли координирано со други институции како и контроли согласно годишниот план на Управата за јавни приходи.