Memorandum_mk
20.07.2024
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПОВРАТОТ НА ДДВ

Управата за јавни приходи известува дека од следната седмица преку Министерството за финансии ќе започне исплатата на повратот на ДДВ.

Имено, веднаш по назначувањето на нов директор во УЈП е формирана Комисија за унапредување на процесите за ДДВ. Од причина што УЈП нема воспоставено централизирано управување со повратот на ДДВ кое ќе обезбеди конзистентност на анализите и пристапите на регионалните дирекции, исто така не користи систем за автоматско вкрстување на податоци за цели на анализа на ризици, а воедно во дел од регионалните дирекции не се пополнети работните позиции чија одговорност е одобрување на повратот на ДДВ, меѓу другите свои задачи, оваа Комисија направи детална анализа и издвои барања за поврат кои претходно биле одобрени, а за кои Комисијата процени дека има одреден степен на ризик и треба да се изврши инспекциска контрола кај даночните обврзници. За останатите износи, кои претходно биле одобрени и доставени за реализација, од следната седмица ќе се врши исплатата на повратот.

Враќањето на вишокот на влезниот ДДВ е легитимно право на даночните обврзници, но ДДВ повратот е подложен на злоупотреби и измами, какви што се случуваа во изминатиот период. Со формирање на Комисијата започнуваме со редизајнирање на внатрешниот процес за управување со ДДВ во УЈП, почнувајќи од првиот чекор - регистрацијата за цели на ДДВ, со цел процесот да биде ефективен и во однос на заштита на буџетските приходи од злоупотреби и во однос на сигурноста на даночните обврзници кои точно пријавуваат и ги побаруваат средствата од вишокот влезен ДДВ.

Паралелно преку Комисијата и надлежните единици во структурата во Генералната дирекција веќе отпочнуваме со централизиран мониторинг и координација на повратот на ДДВ, за да може од прв ден да обезбедиме унифицираност и конзистентност во оперативното постапување во регионалните дирекции.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија