Memorandum_mk
Крупните риби ќе ги извадиме на суво
01.04.2007

За Време, 01.04.2007 година
Новинар: Мери Јордановска


По иницијатива на инспектори од Управата, антикорупциската комисија побара кривична одговорност од вашата претходничка Петра Митева бидејќи и овозможила на Стопанска банка да плати еден милион евра помалку на име ДДВ. Како е можно УЈП да си дозволи да занемари толкав износ на име ДДВ? Постојат ли контролни механизми?

- Прашањето воопшто не е едноставно, па така не може да се даде ни едноставен одговор. Факт е дека прашањето е иницирано од УЈП, што значи дека не станува збор за одговорност во Управата. Станува збор за еден сегмент од нашите даночни обврзници со посебни карактеристики, а тоа се банките и банкарското работење, што пак им дава и еден поспецифичен третман во однос на другите даночни обврзници. Управата имала контрола во 2004 година во Стопанска банка. Првичниот наод е банката платила шеесетина милиони денари помалку ДДВ. Факт е и дека постапката се одвивала во согласност со важечките процедури. Инспекцијата подготвила записник, а на тој записник Стопанска банка поднела приговор. Врз основа на приговорот е извршена корекција на износите, банката обезбедила дополнителни докази, па последниот износ каде што застанала инспекцијата е околу 38 милиони денари. Тука дошло до еден курцшлус, каде што инспекторите подготвиле предлог-решение, го дале на потпис и постапката продолжила. Во меѓувреме била почната една од постапките внатре во Управата, каде што се извршило задолжување од околу 5 милиони денари и се генерирало решение за ДДВ што Стопанска банка го платила. Тоа е фактичката состојба за тој предмет. Она што е предмет на работа на антикорупциската комисија е тоа што некои од инспекторите сметале дека не биле основани забелешките на нивниот записник и решение и го искористиле своето граѓанско право да достават претставка до комисијата, која, пак, дошла до свои сознанија.

Има ли простор за одговорност во случајот со Стопанска банка?

- Ние не сме тие што ќе ги потврдуваме или негираме сознанијата, затоа што во случајов ние сме предмет на контрола од комисијата. Од аспект на Управата можам да кажам дека не станува збор за ништо невообичаено. Тоа е предмет како и илјадници други предмети што за нијанса се разликува од другите, токму поради специфичноста на банкарското работење.
Од оваа позиција сметам дека немам право да коментирам во врска со одговорноста. Ние се држиме строго по законот за ДДВ, таков каков што е. Во случајов станува збор за следново: во Законот се утврдени условите за тоа како треба да изгледа еден документ, за да биде предмет за поврат на ДДВ, во случајот на Стопанска банка, и не само таму, нашите инспектори процениле дека не ги исполнила сите услови за поврат на ДДВ. Врз основа на тоа се пресметани и споменатите 60 милиони. За дел од нив банката успеала да докаже дека ги исполнила условите за поврат и направила корекција. Има и една друга категорија за консултантски услуги што подлежат на ДДВ, но банката тврдела дека тие не се консултантски, туку банкарски услуги. Ние изведовме докази, а основната слика е дека нема повреди на постапката внатре во Управата. Сега останува со Министерството за финансии да заземеме конечен став, зошто природно е да сакаме да наплатиме. Но, не можеме да наплатиме се и по секоја цена.
Во секој случај, наплатата во случајот со Стопанска банка како субјект е едноставна, бидејќи станува збор за субјект што не може преку ноќ да исчезне од пазарот. Прашањето е што потоа? Доколку се избрза во одлуката и ако не сме максимално сигурни, што ако преку судска постапка се докаже дека ние треба парите да ги враќаме со камата? Кој ќе одговара тогаш? Значи, постапуваме внимателно и интердисциплинарно и вклучени се сите сектори за да се добие целосно мислење.

До каде е процесот на фискализација во западна и источна Македонија со оглед на тоа што овие два региона се познати по непримена на Законот за регистрирање готовински плаќања?

- Не знам од каде е тоа чувство во јавноста за нискиот степен на фискализација во западна и источна Македонија или тоа е едноставно некое мислење што провејува по пат на повторување, па станува и вистина. Факт е дека го загубивме чекорот во фискализацијата бидејќи се совпадна со изборниот процес во 2002 година и беше злоупотребен од страна на партиите. Така, од лидери на регионот, сега станавме примачи на искуства од другите земји. Но, генерално гледано, во овој момент можеме да бидеме задоволни од степенот на фискализација. Објективни бројки немаме, оти сегментот што подложи на фискализација е многу жив, секој ден се раѓаат и исчезнуваат субјекти. Според нашите анализи, околу 85 отсто од субјектите на пазарот се фискализирани.

Кои се другите „нефискализирани“ критични групи?

- Тие 15 отсто доаѓаат од групи што досега се заборавени и сметале дека не подлежат на Законот за регистрирање готовински плаќања. Таков е примерот со здравството и нотарите, каде што сега на краток рок се забрзува процесот на фискализација.
Она што во моментов го одликува процесот на фискализација е тоа што ние го правиме низ партнерски однос. Значи, го правиме на ниво на еснафи, преку Лекарската комора, Нотарската комора и слично. Така работите се движат напред и граѓаните ќе можат да го видат тоа.

До каде се преговорите со верските заедници за фискализација во верските објекти?

- Со верските заедници имавме средба во почетокот на март. Сакавме да го чуеме нивниот глас, наместо тоа да оди преку медиумите. Се испомешаа многу теми и конечно седнавме на маса, па сите го кажаа своето видување и мислење. Не сум експерт по верски прашања и нашата сугестија беше тие да излезат со заедничко барање за целосно да се надмине проблемот преку барање за измена на Законот за регистрација на готовински плаќања. Значи, ние ќе го симнеме ова прашање од дневен ред кога ќе имаме и измена на законот каде што, јасно и гласно, ќе биде кажано дали верските заедници се или не се предмет на фискализација. Тоа е конечниот став на УЈП, бидејќи инсистираме на транспарентни правила на игра. Ако се обврзници, се разбира дека ќе ги фискализираме.
Јас тргнувам од најбаналното прашање: одиме во црква и купуваме свеќи. Овде претставниците од верските заедници велат дека свеќата е дар. Ние, како даночници, тоа го гледаме како промет. Има луѓе што се компетентни да одговорат што е што.

Како оди засега наплатата на даноците и кои групи се најпроблематични?

- Бројките се одлични и го надминуваат предвиденото. Можеби станува збор за скромни проценти од 1,6 отсто, но тука треба да се нагласи дека кон крајот на минатата година имаше ребаланс, со кој даночните приходи беа зголемени. Со првичните проекции, де факто, 2006-та е успешна година. Со моето доаѓање во Управата, цифрите велат дека е направено зголемување за 4,5 отсто за сите видови приходи што ги администрираме. Во првите два месеца од годинава имаме зголемување на вкупната наплата за околу 5,1 отсто. Но, ова не значи ништо за јавноста, бидејќи станува збор за работи што треба да бидат очекувани. Сепак, она што се разликува од претходните периоди и е добро оценето од стопанството е дека за разлика од лани, во првите два месеца од годинава е реализиран поврат на ДДВ поголем за 44 отсто. Тоа значи дека ликвидни средства се вратени директно во стопанството и дека за 44 отсто, само по однос на ДДВ, имаме поликвидно стопанство.

Дали најголемите компании се и најголеми даночни затајувачи?

- Станува збор за 131 компанија, кои се големи даночни обврзници. Во оваа група спаѓаат и јавните претпријатија, кои во ниеден случај не се бонитетни, туку се загубари. Од сите извршени контроли кај големите даночни обврзници, Управата утврдила неправилности од само 0,33 отсто. Она што е нездраво ткиво за нас се јавните претпријатија. Едноставно, тие се недоволно дефиниран сегмент на пазарот. Од една страна се претпријатија, од друга страна голем дел од нив се монополистички, што значи немаат конкуренција, а по таа логика треба да се профитабилни. Од друга страна, најголем дел од нив има салдо нула.

Ќе почнете ли со финансиски контроли во големите компании, како на пример телекомот или „Фершпед“?

- Сме вршеле и ќе вршиме. Нашите контроли се транспарентни и ние имаме обврска да ја најавиме контролата. Не знам зошто јавноста смета дека не вршиме финансиски контроли во големите компании. Можеби затоа што тоа се канцелариски контроли. Не знам како јавноста очекува да види контрола на УЈП.

Ви пречи ли некогаш партиската припадност во работењето?

- Се уште не сум почувствувал пречка. Јас бев на многу поотворена позиција до 2002 година и повторно немав пречки во работењето поради партиската припадност. Изборите во таа година и мојата смена очигледно покажаа дека сум препознаен како експонент на некоја политика и затоа бев сменет. Така, всушност, стануваме и партиски определени. Од позиција на даночник кажувам дека го немам почувствувано тој притисок.

Сепак, Управата најпрво ги обелодени имињата на Борче Петровски и Марјан Стојовски како лица за кои постои сомневање дека затајувале данок. Едниот е опонент на Кедев, другиот претседател на комисијата за здравство од СДСМ. Нема ли тука политика?

- Од нив почнавме зашто Управата имаше најмногу сознанија за тие лица. Инаку, морам да кажам дека Управата првпат води вакви постапки. Не сакам да судам како работело претходното раководство.

Дали се разочаравте од она што го видовте кога стапивте на функцијата?

- Во делот на борбата за спречување на корупцијата се разочарав. Затекнав состојба да нема ни регистар на анкетни листови. Така потрошивме три-четири месеци на една техничка работа, само за да видиме каде сме, да ги собереме анкетните листови и да ги класифицираме по години. Се мобилизиравме и сето тоа го ставивме во ред, па во секое време можеме да посегнеме и за секого да го отвориме анкетниот лист и да ја провериме веродостојноста на податоците.

Додека бевте секретар на градот Скопје остро реагиравте кога УЈП ќе ја блокираше сметката на некое јавно градско претпријатие (Комунална хигиена, ЈСП), а сега како директор го правите токму тоа?

- Ако сте професионален фудбалер и играте во еден тим, а потоа преминете во друг, дали во натпреварот меѓу двата тима ќе си дадете автогол само поради носталгија?


Највисоката плата - 7 милони денари!

Имате ли сознанија колкава е највисоката плата во Македонија и кој е најбогатиот македонски граѓанин?

- Во 2005 година највисоката плата изнесуваше 7 милиони денари, а лицето работи во производствена компанија. Во минатата година, пак, највисоката нето-плата изнесуваше 4 милиони денари. Ја прима човек од компанија што се занимава со трговија и шпедиција. Сепак, сметам дека не е етички да ги откријам нивните имиња. Единствено можам да кажам дека тие работат во некои од најголемите производствени компании.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Македонија