Memorandum_mk
УЈП нема да биде казнена експедиција, во Македонија данокот се плаќа доброволно!
09.03.2018

За „Капитал“ 02.03.2018 година
Новинар: Александар Јанев
 

Заложба на Министерството за финансии и УЈП е воспоставувањето на динамика на навремен поврат на ДДВ, што секако влијае и на вкупната наплата на овој данок. Само во јануари, на даночните обврзници по основ на ДДВ вратени се 1,9 милијарди денари, што е за 665 милиони повеќе во споредба со истиот период во 2017 година или за 1 милијарда денари повеќе во однос на 2016 година. УЈП навремено ги администрира барањата за повратот на ДДВ и ги доставува на извршување до Министерството. Секако има случаи каде тоа не можеме да го правиме веднаш и потребни се дополнителни проверки и контроли, затоа што ДДВ-то е доста ризично. Најчест механизам користен од страна на даночните обврзници за “испумпување“ на средства од Буџетот е токму преку барање на нереален поврат.

Г-ѓа Лукаревска, каква е наплатата на даноците од почетокот на годината? Се зголемува ли моќта на компаниите и граѓаните да плаќаат даноци и каква е состојбата со долгот на државата кон приватните компании по основ на поврат на ДДВ?

Иако за подетални анализи е се уште рано, бидејќи зад нас е само еден месец, можам да дадам генерална оценка дека наплатата на даночните приходи се движи и очекувам да продолжи во добра насока. Со заокружувањето на првото тримесечје би можеле да излеземе со поточни оценки и прогнози. Во секој случај, првичните податоци укажуваат на тоа дека наплатата бележи пораст во споредба со минатата година кај Данокот на добивка и Персоналниот данок.

Што се однесува до ДДВ-то, знаете дека особено заложба на Министерството за финансии и УЈП е воспоставувањето на динамика на навремен поврат на ДДВ, што секако влијае и на вкупната наплата на овој данок. Само во јануари, на даночните обврзници по основ на ДДВ вратени се 1,9 милијарди денари, што е за 665 милиони повеќе во споредба со истиот период во 2017 година или за 1 милијарда денари повеќе во однос на 2016 година.

УЈП навремено ги администрира барањата за повратот на ДДВ и ги доставува на извршување до Министерството. Секако има случаи каде тоа не можеме да го правиме веднаш и потребни се дополнителни проверки и контроли, затоа што ДДВ-то е доста ризично. Најчест механизам користен од страна на даночните обврзници за “испумпување“ на средства од Буџетот е токму преку барање на нереален поврат.

„Важен факт е дека 90% од вкупниот нето наплатен данок се однесува на доброволно платен данок, а само 0,72% од вкупната наплата на даночни приходи произлегува од работата на Даночниот инспекторат и откриени даноци во тек на контрола. Токму заради овие факти, УЈП ќе ја градиме како услужно ориентирана институција и не смееме да си дозволиме да бидеме заложници на поединци и вработени кои не се достоинствени на даночната службата, односно кои ја “рекламираат“ Управата како казнена експедиција или нечија “продолжена рака“, а себе си се ставаат во улога на “недопирливи локални шерифи“. Имиџот и капацитетот на Даночниот инспекторат ќе се потрудам да го смениме, а на несоодветните кадри во инспекциските служби ќе им овозможиме да се пронајдат во другите функции на УЈП каде навистина ќе можат да придонесат за угледот и резултатите на УЈП.“

Во последно време се создаде перцепција дека УЈП врши засилена контрола и инспекции што доведе до затворање на повеќе локали. Управата стана помалку флексибилна или пак даночните обврзници се релаксираа по промената на власта? Што покажуваат вашите податоци, колку контроли се спроведени и кој е исходот од тоа?

Состојбите на намалената даночна дисциплина во делот на фискализација, е првото нешто што го затекнав со моето назначување за прв даночник. Истите беа повеќе резултат на периодот на политичката криза во Македонија, а во такви услови некои даночни обврзници знаат да се “приспособат“ и да го “искористат моментот“. Од друга страна, не е ниту новина, ниту пак Македонија е изолиран случај, каде секогаш постои некој кој ќе го заобиколува законот. Улогата на УЈП и нашата работа е тоа да го спречиме, да делуваме превентивно и секако да обезбедиме услови на лојална конкуренција. Недозволиво е во 2018 година, уште да зборуваме за тоа дали некој треба да поседува фискален апарат и дали треба или не треба да издава фискална сметка. За нас постои само една перцепција – законот важи за сите и оној кој нема да го почитува нема да се толерира.

Дека делувавме повеќе превентивно во изминатата 2017 година, говорат и нашите бројки. Од вкупно 710 даночни контроли, во 66 случаи УЈП изрекла казни поради сторен прекршок. Останатите наши посети на даночните обврзници и присуство на терен беше повеќе од советодавен карактер. Ова ќе се промени оваа година. Делувавме превентивно изминатата година, дополнително се направија значителни олеснувања во казнената политика со последните измени на Законот за регистрирање на готовински плаќања. Нема повеќе аргументи да се создаваат погрешни перцепции, особено дека УЈП е во некакви казнени експедиции. Секој треба да работи согласно законот.

Како одлучува УЈП во кои компании ќе врши контрола? Како знаете кои се најризичните даночни обврзници и има ли простор за субјективно праќање на инспекции?

Контролите се планираат на годишно ниво, пред стартот на календарската година. Се зема предвид ризичноста на компаниите и расположливоста на инспекторите. Во делот на капацитетот на Даночниот инспекторат, за жал во изминатите години не е инвестирано доволно во задржување на човечкиот капитал, пренос на знаење и јакнење на капацитетите на оваа функција на УЈП. Генерално се соочуваме со природен одлив на кадар, или попрецизно 321 колеги ја имаат напуштено УЈП по различни основи во последните 6 години, а само во 2017 година оваа бројка изнесува 71 луѓе . Од друга страна, не навлегувајќи во објективноста, факт е дека најголемиот број на поплаки кои пристигнуваат на адреса на УЈП се за непрофесионално однесување на даночната инспекциска служба. Друг важен факт е дека 90% од вкупниот нето наплатен данок се однесува на доброволно платен данок, а само 0,72% од вкупната наплата на даночни приходи произлегува од работата на Даночниот инспекторат и откриени даноци во тек на контрола. Токму заради овие факти, УЈП ќе ја градиме како услужно ориентирана институција и не смееме да си дозволиме да бидеме заложници на поединци и вработени кои не се достоинствени на даночната службата, односно кои ја “рекламираат“ Управата како казнена експедиција или нечија “продолжена рака“, а себе си се ставаат во улога на “недопирливи локални шерифи“. Имиџот и капацитетот на Даночниот инспекторат ќе се потрудам да го смениме, а на несоодветните кадри во инспекциските служби ќе им овозможиме да се пронајдат во другите функции на УЈП каде навистина ќе можат да придонесат за угледот и резултатите на УЈП.

Намалување на субјективноста во планирањето и спроведувањето на надворешната контрола треба да ни овозможи и новиот систем за евалуација на ризици. Станува збор за проект кој се имплементира во УЈП со донаторска помош од Австриската агенција за развој, а кој е во завршна фаза. Целта на проектот е воспоставување на објективна и точна селекција на даночни обврзници за контрола, преку имплементација на софтвер и унапредување на процесот на анализа на ризик во надворешната контрола и управувањето со ризикот на усогласеноста кај даночните обврзници.

„Не сите граѓани имаат обврска да се регистрираат за цели на ДДВ, односно станува збор за мал број на лица, ако се земе предвид дека платите не влегуваат во пресметување на вкупниот промет за цели на ДДВ. Бројот на граѓани кои имаат обврска да се регистрираат за ДДВ, според нашите првични податоци, не очекуваме да биде драстично поголем од минатата година кога изнесуваше 1.185. Регистрацијата за ДДВ е обврска на лицата кои вршат стопанска дејност во континуитет и кои вршат испорака на добра и услуги, односно во просек остваруваат 83.000 денари на месечно ниво, не вклучувајќи ја платата. Би потенцирала дека граѓаните кои издаваат стан односно имот за цели на домување, или пак даваат определени ИТ програмерски услуги спрема странски субјекти, не подлежат на оданочување со ДДВ.“

Кои се најризични сектори во економијата каде што наплатата на даноците е послаба?

Ризичноста на секторите повеќе произлегува од самата природа на стопанската дејност и механизмите и средствата кои им се на располагање на даночните органи за следење на нивното работење и откривање на даноците. Нашата пракса и меѓународните искуства покажуваат дека градежништвото, угостителството, дејностите каде плаќањата се вршат во готово „кеш економијата“, а во поново време електронската трговија и одреден дел од ИТ индустријата и услугите, од даночен аспект се ризични. Исто така, поединечни активности или делување на обврзниците, без разлика од кој сектор доаѓаат, можат да бидат ризични од даночен аспект. Проценката и воспоставувањето на критериуми на ризик е важна алатка која, не само во доменот на инспекцискиот надзор, туку во сите фази на даночната постапка, овозможува ефикасно управување со масовните податоци со кои располагаме и да се фокусираме само онаму каде реално не се исполнети даночните обврски односно постои ризик дека не се исполнети.

Во претходниот период имаше голем интерес од јавноста и остри критики за обврската физички лица со приходи над милион денари да станат ДДВ обврзници. Какви се плановите за оваа обврска, од кога ќе стапи на сила?

Во изминатите години бевме сведоци на брза и ненајавена промена на даночните закони и подзаконските акти, што не оставаше простор ниту на УЈП ниту на даночните обврзници, сметководителите… навремено да се прилагодат на промените. Токму затоа, Владата најави дека ќе следуваат даночни реформи преку дијалог, транспарентност, и подготовка на стратегијата за даночни реформи, која секако ќе вклучува и подобрување на даночната политика во делот на ДДВ, во согласност со европската регулатива која ни налага да не правиме разлика помеѓу правни и физички лица кои вршат промет од иста природа. Дотогаш, УЈП мора и има обврска да постапува оперативно согласно позитивните законски одредби кои се однесуваат за соодветниот даночен период и годишниот фискален циклус кој во конкретниот случај е веќе отпочнат.

Во оваа насока беше и ставот кој го презентиравме во јавноста, односно се прават анализи од страна на УЈП и Министерството за финансии за измени во поглед на прагот на ДДВ од следната година. Сепак по однос на ова прашање, би потенцирала уште еднаш дека не сите граѓани имаат обврска да се регистрираат за цели на ДДВ, односно станува збор за мал број на лица, ако се земе предвид дека платите не влегуваат во пресметување на вкупниот промет за цели на ДДВ. Бројот на граѓани кои имаат обврска да се регистрираат за ДДВ, според нашите првични податоци, не очекуваме да биде драстично поголем од минатата 2017 година. Колку за илустрација, бројот на граѓани кои се регистрирани за цели на ДДВ во 2015 година изнесува 761, во 2016 година е 1059, а во 2017 година 1185. Видно е дека трендот на зголемување е мал, и нема простор за грижи.

Регистрацијата за ДДВ е обврска на лицата кои вршат стопанска дејност во континуитет и кои вршат испорака на добра и услуги, односно остваруваат годишен промет над законски пропишаниот праг од 1 милион денари или во просек остваруваат 83.000 денари на месечно ниво, не вклучувајќи ја платата. Би потенцирала дека граѓаните кои издаваат стан односно имот за цели на домување, или пак даваат определени ИТ програмерски услуги спрема странски субјекти, не подлежат на оданочување со ДДВ.

Последната црна листа на ненаплатени даноци покажа дека граѓани и фирми и должат на УЈП над 250 милиони евра, а меѓу должниците има и многу јавни претпријатија. Што ќе преземете за да се надмине овој проблем?

Најголемите должници се фирми и јавни претпријатија, кои секој месец се повторуваат на листата. Состојбата е сложена кај овие должници, и многу малку механизми ни остануваат на располагање за да делуваме на нивно намалување. Особено специфични се јавните претпријатија, кај кои УЈП е делумно ограничена во употреба на мерките за наплата, од причина што не смееме да го нарушиме обезбедувањето на јавни услуги, кое со закон е уредено. Затоа, во постојана комуникација сме со јавните претпријатија и општините за изнаоѓање на динамика за плаќање на долговите, репрограмирање на долговите, некаде е пристапено и кон обезбедување со попис и залог на имот или активирани се инструментите за присилна наплата. Ваквите состојби се наследени и децениски, овие претпријатија генерираат загуби и долгови, што повеќе би кажала е системско прашање или прашање на начинот на нивното управување, што не зависи од УЈП. Наша цел е да спречиме долговите да продолжат да се мултиплицираат, односно новите даночни обврски редовно да се сервисираат и истовремено преку партнерски однос со даночните обврзници да го изнајдеме најсоодветното решение за намалување и затворање на старите даночни долгови.

За подобрување на ефикасноста на УЈП, потребно е воспоставување на систем за ефикасно следење на долговите, автоматизација на процесите, но и промена во даночната регулатива и постапки која особено е доста ригидна и сложена, кога станува збор за репрограмирање на долговите како за граѓаните, така и за фирмите. Колку за илустрација, ако граѓанин има долг од 30.000 денари и побара плаќање на долгот на рати, сега е потребно да достави барање, банкарски гаранции и низа други документи, па потоа УЈП да прави проверки, административни контроли што во пракса не е ефикасно како за даночната администрација, така и за обврзниците. Она на што во моментот работиме, а што треба да биде овозможено и со законски измени, е поедноставување на постапките за репрограмирање на долговите, односно до определена граница на даночен долг, УЈП автоматски да му овозможи избор на даночниот обврзник да го плати долгот на рати, без поднесувања на барања, без банкарски гаранции, без донесување на даночни акти. Со имплементацијата на оваа новина, очекуваме позитивни ефекти, не само од аспект на подобро управување со долговите и нивната старосна структура, туку и од аспект на овозможување на даночните обврзници да вршат подобро планирање, управување и доброволно сервисирање на своите даночни обврски.



„Со издавањето на пополнетата Годишна даночна даночна пријава од страна на УЈП што ќе стартува во 2019 година, и воспоставениот систем на мониторинг на приходите на граѓаните, ќе станат многу видливи “пропустите“ и непријавените приходите од страна на даночните обврзници, без разлика дали истите ги стекнале во земјата и странство, односно очекуваме да се појават многу приходи кои граѓаните и фирмите “заборавиле“ да ги пријават во УЈП.“

Минатата година објавивте дека неколку компании биле амнестирани од плаќање даноци. Какви се наодите од истрагата, има ли други вмешани компании во оваа шема? Кои се компаниите што не плаќале даноци и откривте ли нивна поврзаност со политичари или поранешни функционери?

За овој случај кој го презентиравме пред јавноста, беа покренати постапки против две вработени лица во УЈП, истите се завршени и изречени се дисциплински мерки. Во врска со истрагата на Јавното обвинителство, од наша страна е предадено се во насока што побрзо да се заокружат постапките. Очекуваме со исходот точно да се детектира и утврди евентуалната инволвираност на други вработени и лица според нашите првични сомневања.

Што се однесува до фирмите од овој случај, отпочнати се постапки на контрола од Даночниот инспекторат. Дополнително направивме анализи кои компании воопшто не биле контролирани од УЈП во изминатите 7 години, и истите се опфатени за контрола оваа година.

Една од најголемите реформи што ги најавивте откако станавте директор на даночната управа е поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналниот данок. Што ќе се промени?

Промените веќе стартуваа и се реалност. Новите даночни услуги е-Персонален данок за фирмите и граѓаните се достапни од 1 јануари, и тоа се само дел од реформите и мерките кои ги најавивме кај персоналниот данок. Преку е-Персонален данок, проект кој е финансиран преку ЕУ ИПА фондовите, овозможивме поедноставни процедури за правните субјекти за пресметка на приходот и плаќање на данокот на физичките лица. Со воведувањето на Електронската пресметка која од почетокот на годината имаат обврска да ја поднесуваат сите правни лица од приватниот и државниот сектор за исплатените приходи и уплата на персоналниот данок на физичките лица, ги укинавме во целост обемните годишни и месечни извештаи кои реално станаа голем административен товар не само за фирмите и сметководителите, туку и за УЈП. Истовремено, воведовме електронски и кориснички ориентирани веб услуги за граѓаните кои, исто така, од почетокот на 2018 година имаат обврска да поднесуват Електронска пресметка, наместо како досега да поднесуваат Аконтативни даночни пријави за остварените приходи во земјата и од странство, по основ на имот и имотни права (закупнина), од капитапни добивки и од други видови приходи. Постапките се во голем дел поедноставени, процедурите за плаќање на данок се скратени, вградени се контролни механизми кои треба да ги намалат непотребните административни постапки за исправки на грешки направени при пријавување и плаќање на данокот, обврзникот не треба да чека неколку месеци за да добие решение од УЈП за да го плати данокот што секако треба да влијае и на зголемување на ефисканоста на следењето и наплатата на овој данок. Електронскиот систем и воведувањето на автоматизираните даночни постапки овозможи да се направат и дополнителни олеснување за граѓаните кои остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи, кои од оваа година немаат повеќе обврска за поднесување на пријави за регистрација и барања за паушално оданочување до УЈП. Придобивките се големи, а позитивните ефекти допрва очекуваме да следуваат.

Во оваа насока би апелирала сите фирми и граѓани да се прилагодат на новиот начин на пријавување и пресметка на персоналниот данок, а граѓаните уште од сега да се регистрираат на системот e-pdd.ujp.gov.mk, бидејќи со издавањето на пополнетата Годишна даночна даночна пријава од страна на УЈП што ќе стартува во 2019 година, и воспоставениот систем на мониторинг на приходите на граѓаните, ќе станат многу видливи “пропустите“ и непријавените приходите од страна на даночните обврзници, без разлика дали истите ги стекнале во земјата и странство, односно очекуваме да се појават многу приходи кои граѓаните и фирмите “заборавиле“ да ги пријават во УЈП. За да може граѓанинот да ја потврди или корегира издадената пријава од УЈП, потребно е да е регистриран на системот е-Персонален данок.

Кои се следните даночни реформи на кои што работи Управата и ги планира за годинава? Што ќе значи тоа за даночните обврзници?

Среднорочните и долгорочните даночни реформи и проекти на кои работи Управата за јавни приходи, беа презентирани на јавноста, невладиниот сектор и донорите и истите се содржани во Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии 2018-2021 година и Акцискиот план кои се усвоени од Владата. Најважно е што ја имаме поддршката на Владата, Министерството за финансии и донорите, особено имајќи предвид дека вредноста на проектите кои треба да ги реализираме изнесува над 11 милиони евра, од кои очекуваме 6 милиони да бидат обезбедени преку ИПА фондовите. Пред нас се големи предизвици и голем број на проекти кои треба да ги реализираме, чија цел е да се подобри реализацијата на наплата на приходите и да се обезбеди долгорочна стабилност на ИТ системите во случај на криза, преку подобрување на даночните постапки, модернизација на УЈП вклучувајќи ре-инженеринг на работните процеси и нов даночен интегриран ИТ систем, измена на даночната регулатива која ќе ги поддржи процесите на воспоставување на електронска даночна администрација и истовремено ќе претставува законска рамка усогласена со законодавството на ЕУ. Оваа година ќе бидеме фокусирани на заокружување на проектите и законската регулатива поврзана со персоналниот данок, кампањи и подготовки за издавање на пополнетата Годишна даночна пријава во 2019 година. Во тек е и проектот за развој и ре-инженеринг на деловните процеси со цел воведување на нов интегриран ИТ систем, кој исто така е финансиран преку ЕУ ИПА фондовите. Истовремено, во рамките на секторска група во Министерството за финансии се работи и на стратегијата за реформа на даночниот систем, каде јасно треба да бидат дефинирани промените во даночната политика, што понатаму преку соодветна законска измена, УЈП ќе треба оперативно да ја спроведува од 2019 година. Она што можам со сигурност да тврдам е дека реформите ќе значат големи промени во начинот на работење и функционирање на УЈП и токму затоа првиот отпор на промените очекувам да дојде од редовите на даночниците кои нема да сакаат да се прилагодат на новите трендови и електронските системи. Праксата покажува дека даночните обврзници и сметководствената фела побрзо се прилагодуваат на промените, посебно ако истото значи поедноставно, побрзо и полесно пријавување и плаќање на даноците.

 

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Македонија