Memorandum_mk
УЈП води 40-тина предмети за функционери
17.07.2017

За „Нова ТВ МК“, 14.07.2017 година
 


„Последните податоци покажуваат дека не сите функционери пријавиле промена на имот и не доставиле Анкетен лист. Ова важи и за сите новоназначени функионери. Во моментов, во УЈП се води 21 активен предмет за функционери и службени лица согласно Законот за спречување на корупција, добиени се 5 нови барања од Државната комисија за спречување на корупција, а од страна на УЈП иницирани се постапки за уште 17 случаи“, вели в.д. директорката на УЈП, Сања Лукаревска.


Најавивте инспекции. Кои се целите? И кои категории се таргет на УЈП?

Политичката нестабилност влијаеше на стагнација на економијата, но и продуцираше некои негативни појави и релаксирање на даночните обврзници, кога говориме за даноците. Системите преку кои го следиме готовинскиот промет ни укажуваат на состојби на драстично намалување на прометите во определени региони и кај конкретни даночни обврзници. Дополнително што на терен има не мал број на случаи на користење на апарати кои не се фискални и издавање на т.н. “компјутерски“ сметки.

Токму поради ова, би укажала на сите граѓани да инсистираат да им се издаваат фискални сметки, заради заштита и на нивните потрошувачки права. Ова се само дел од причините за засилениот мониторинг кој беше најавен од УЈП, каде по претходни анализи, утврдена е категорија од над 12 илјади даночни обврзници каде по повеќе основи не биле даночно усогласени, од кои 325 се високо ризични. Покрај низа мерки за превентивно делување, на пример, спроведување на едукативни програми, информирање…Управата ќе биде присутна и на терен и веќе се најавени и отпочнати активности на засилен мониторинг особено за времетраењето на настаните од спортски, културен и забавен карактер – Супер куп, Пивофест, Струмица Опен фестивал, Д Фестивал Дојран, како и за време на туристичката сезона во центрите низ Македонија.

Дали ќе поведете постапка за некој функционер или политичар за потекло на имот?
Последните податоци покажуваат дека не сите функционери пријавиле промена на имот и не доставиле Анкетен лист. По престанокот или промената на функцијата, во рок од 30 дена, секој треба да поднесе Анкетен лист и да ја пријави промената на имотот. Ова важи и за сите новоназначени функионери. Нашата анализа покажува дека функционерите некако забораваат на оваа обврска, иако како вршители на јавна функција тоа е првата обврска која треба да си ја завршат.

Во моментов, во УЈП се води 21 активен предмет за функционери и службени лица согласно Законот за спречување на корупција, добиени се 5 нови барања од Државната комисија за спречување на корупција, а од страна на УЈП иницирани се постапки за уште 17 случаи. Политичкиот морал не подразбира богатење и живеење на сметка на државата и даноците кои ги плаќаат граѓаните. За жал, сведоци сме дека некои функционери живееле удобен живот и тоа со државни пари.

Дали има пријави што се чувале во фиока и за кого?
“Духовите“ кои живеат или кои некој намерно ги чувал во фиока, допрва излегуваат. Јас секогаш преферирам мојата канцеларијата да ми биде чиста, и тековните предмети да ги чувам на маса. Допрва ќе видиме што се “фаќало прашина“ во УЈП.

Кои се од тајкуните бил ослободен од плаќање данок? Колку од големите бизнисмени не плаќале данок и кои?
Некогаш сме спори како администрација, но данокот ако не го платите денес, еден ден ќе пристигне да го платите, со камата. Единствена квалификација за нас даночниците по кој ги препознаваме обврзниците е даночниот број, а втората класификација е дали се плаќачи или неплаќачи. “Тајкун“ може да биде и добар плаќач или неплаќач. Секој обврзник е посебна приказна, но наша обврска е да обезбедиме еднакви услови за сите, поедноставни услуги, но и праведно собирање на данокот, дури и во случаи кога некој тоа доброволно не сака да го направи. Почитувањето на светата “даночна тајна“ , која знам дека новинарите не ја претпочитаат, но на која сме обврзни како даночници, не прави рестриктивни кога станува збор за соопштување на податоци за даночните обврзници, а од друга страна мораме да внимаваме и да ги почитуваме начелата за заштита на личните податоци.

Дали УЈП заедно со Обвинителството и Дирекцијата за перење пари имале заедничка истрага?
Генерално, соработката на УЈП и останатите државни органи е добра. Можам да кажам дека досега во голема мера капацитетите на УЈП, особено на даночниот инспекторат, биле на располагање за потребите и барањата на други институции. Дури во определни периоди даночните инспектори биле премногу посветени на постапки иницирани, не само од обвинителството, туку и од други државни органи, особено од МВР. Соработката со Управата за финансиско разузнавање е претежно во доменот на обезбедување и размена на податоци, односно известување од УФР за случаи каде има сомневање за неплатен данок, врз основа на кои УЈП има насочено и во тек се 45 контроли кај физички и правни лица. Соработката со Обвинителството, исто така, се заснова на размена на информации или спроведување на надворешна контрола, за цели на обезбедување на докази во постапки согласно Законот за кривична постапка. Во 2016, УЈП има спроведено 12 контроли по барање на Обвинителство, а во 2017 година не се пристигнати барања за контрола, но затоа побарани се информации и документација за 98 даночни обврзници.

Би напоменала дека моментално УЈП врши надзор за концесии, техничко-технолошки услови за игри на среќа, финансиска дисциплина…што реално и не е поврзано со суштината на даночното работење на обврзниците и надлежностите кои се природни за една даночна администрација. Токму поради ова, дополнително ќе ги преиспитаме недлежностите на Даночниот инспекторат, а во насока да не бидеме дефокусирани со неданочни контроли.

Управата мора и има обврска да соработува со други органи, но рамката мора да биде дефинирана, ова го говорам од причина што на тој начин донекаде би се ограничила можноста за злоупотреба на институцијата за политички цели, притисок….

Кои се најголемите домашни претпријатија кои се најголемите должници на државата?
Најголемите должници Управата секој месец ги објавува и станува збор за јавно достапна информација за секој граѓанин. Би потенцирала дека најголемите должници се фирми и јавни претпријатија, кои секој месец се повторуваат на листата. Еден од моите главни приоритети, но и на даночната администрација, во наредниот период ќе биде јакнење на функцијата за наплата и управување со долгови. Во овој сегмент потребно е брза реакција на даночниците и воспоставување на систем за ефикасно следење на долговите. Во комуникација сме со должниците и преземаме мерки онаму каде што можеме, со сите расположливи мерки кои ни ги нуди Законот за даночна пострапка, ваквите долгови да останат на исто ниво или да почнат да се намалуваат. Секако кај некои тоа не е возможно и реално овие фирми и во иднина ќе генерираат долгови, дали поради лошата ликвидност, несоодветни одлуки на управувачката структура, лошо менаџирање и други фактори кои не зависат од УЈП.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија