Memorandum_mk
99-процентната наплата на даноци се должи на довербата на граѓаните
16.01.2017

За „ВЕСТ“, 14.01.2017 година
Новинар: Антонија Поповска - Христов

 

Во јули годинава бевте назначена за директорка на институцијата, а од 2001 година сте вработена во самата институција. Како ја доживувате УЈП?
Да се биде на чело на една од најкомплексните институции во државата како што е УЈП за мене лично е голем предизвик. Свесна сум што значи да се менаџира процесот на оданочување и истовремено да се води даночната управа. Не е во прашање само мојата одговорност, голема е одговорноста на сите вработени во УЈП. Функцијата и работата наложува да се биде крајно професионален, посветен и строго да се работи по пропишаната законската регулатива. Нема простор за импровизација, даночниот обврзник и услугите биле и остануваат наш приоритет. Вработените се во функција на државата, но истовремено и во служба на даночните обврзници. Тоа е начинот на кој Управата секојдневно пулсира. Се движиме и живееме низ призмата на остварување на нашите работни обврски, во интерес на државата, за доброто на граѓаните. Од друга страна, пак, ангажманот кој со себе го носам е токму во насока УЈП да се изгради, да се доизгради во висока, уште помодерна, професионална и ценета даночна институција, со кредибилитет кој го одржува даночниот систем на стабилно ниво. Се разбира, неминовен е процесот на модернизација, унапредување на услугите, имплементирање на позитивните практики од европските даночни институции.

Како оди наплатата на даноците, дали се исполнија предвидените проекции?
Лани постигнавме одличен дострел во делот на исполнување на планираните приходи што практично е и примарната функција на институцијата. Самите бројки говорат и се доволен факт за акумулираните средства во буџетот за година кои се позиционирани на рекордно високо ниво во последните 10 години. Проекциите се постигнати и тие изнесуваат 99,47 отсто реализирани од планираните приходи. Но, нашата цел е да ја наплатиме реалната даночна обврска, пријавена или непријавена од страна на даночните обврзници. Позитивниот резултат кој го постигнавме во услови на политичка криза и изборна година е производ на посветената работа од страна на сите вработени во УЈП. За нас тоа е мотив попосветено и најпрофесионално да одговориме на задачите, а со тоа да се оправда довербата од страна на граѓаните.

Ги поедностави ли процедурите Управата за јавни приходи?
Добра организација на вработените и добро делегирани задачи, со квалитетни софтверски решенија на процесите, ќе донесат одлични резултати поблиску до реално задолжување и наплата на даноците. Навремената и точна информација, едноставните процедури, непосредноста, континуитетот на донесување даночни акти во законските рокови, придонесува на зголемувањето на доброволната усогласеност и доброволната наплата. Мора да се работи посветено, само тоа е клучот за успехот. Лани одбележавме два јубилеи, 22 години постоење на институцијата и 10 години од основање на Дирекцијата на големи даночни обврзници. Тоа се два значајни јубилеи преку кои е исцртана вистинската слика, вистинската рамка на нашето функционирање и делување како орган во рамките на Министерството за финансии. Бројот на големите даночни обврзници оваа година е зголемен на 450 правни лица и за истите во текот на јануари организиравме средби со кои градиме партнерски однос.

Што е со неплаќачите, оние кои кои нередовно ги намируваат даночните обврски?
Мора да бидеме свесни дека даночната управа не е репресивен орган. Она што посебно сакам да го нагласам е превентивниот и едукативен концепт кој го практикуваме, со цел да ја зголемиме даночната култура, а со тоа и доброволната усогласеност на наплата на даноците од страна на даночните обврзници. Јас би ги нарекла несоодветни даночни обврзници и тие факт е дека постојат и со нив сме во постојан натпревар. Работиме да го намалиме јазот на затајување, како и нивото на сива економија, поточно да наметнеме навика на редовност при пријавување и плаќање на даноците. Согледуваме искуства, креираме стратегии и политики како да бидеме поефикасни. Со посебно внимание и особено ги следиме препораките на ММФ и Светска банка. Со инструментите коишто ни се дадени во Законот, наметнуваме динамика на плаќање на даночните обврски, најпрво со непосреден контакт со даночниот обврзник со опоменување, сè со цел доброволна наплата на даночните обврски. Принципот на плаќање на достасана рата во банка, ако секој го следи при плаќање на даночните обврски, верувајте дека ќе имаме многу поголеми приходи од планираните. Наметнуваме таков начин на однесување и динамика.

Каква даночна политика спроведува нашата држава?
Како што веќе е констатирано и објавено од страна на релевантни високи меѓународни институции, Македонија е држава со најниски даноци во светот според рангирањето на Бизнис инсајдер со просечна даночна стапка од 7,4 отсто. Во тој правец се и владините економски политики, да се одржи константно ниска даночна политика. Преку ниски даноци и едноставни процедури, со ефикасни услуги кон даночните обврзници да го стимулираме бизнисот, а истовремено постигнеме раст на економските параметри. Според извештајот на Дуинг бизнис, извештај на најрелевантната економска институција, а тоа е Светската банка, Македонија е на 10 место во светот, а 5 во Европа врз основа на одличната бизнис-клима. Податок кој е релевантен и е дополнителна причина за самите да целиме кон постигнување на уште повисоки резултати. Навистина голем успех, пред сè, кога зборуваме за раст и развој на македонската економија. Но, ниската даночна стапка не значи комотно однесување и неплаќање, напротив со тоа се стимулира доброволното плаќање на даноците и зголемување на капиталот на фирмите.

Кои услуги планирате да ги преземете за да ја модернизирате УЈП и да им овозможите подобри можности на даночните обврзници?
Како што се движи стопанството така се движиме и ние дури и чекор пред тоа. Одредени процеси се завршуваат, други почнуваат и тоа е тој концепт на развој и реформски пристап кон работите. Во тој дел работиме максимално посветено со акцент на воведување на подобри стандарди и услови за даночните обврзници. Модернизацијата е наш врвен приоритет, континуирано воведуваме електронски алатки, преку кои даночните обврзници остваруваат комуникација со Управата и многу поефикасно и поедноставно си ги исполнуваат обврските. Нашиот поглед и ориентација е насочен кон постојано зголемување на бројот на електронски услуги со цел да да бидеме уште подостапни и поефикасни преку имплементирање на нови софтверски решенија. Во голема мера со имплементацијата на сите тие електронските алатки заштедуваме време на даночните обврзници, а од друга страна го намалуваме и влијанието на човечкиот фактор при работењето. Со одредени софтверски решенија и користење на сите податоци кои ни ги доставуваат даночните обврзници, според одредени формули и критериуми, ги филтрираме ризичните даночни обврзници кај кои е потребно да се изврши контрола. Времето на даночните инспектори е скапоцено и истото ќе се насочува само онаму каде што имаме показатели за одредени неправилности. Истовремено, условите во кои работиме ги подобруваме, со тоа вработените помотивирано и попосветено одговараат на работните процеси, со што имиџот на институцијата е на повисоко ниво.

Која е Вашата порака до компаниите и граѓаните како даночни обврзници?
Пораката е мошне јасна, правните лица, граѓаните, секој од нас мора навремено да ги сервисира даночните обврски, само така УЈП навремено ќе ги наплати даноците и истите ќе се акумулираат во буџетот. Сериозните даночни обврзници знаат и своето време и енергија го посветуваат на зголемување на продажбата, нови пазари, намалување на процедурите и слично, но не и на затајување и неплаќање даноци. Тоа е краткорочно, зашто порано или подоцна, данокот ќе мора да се плати, но одложувањето секогаш со себе носи камати и други законски пропишани казни. Плаќањето данок е нашата обврска кон децата, иднината, општеството и државата. Мора да ја градиме даночната култура, почнувајќи од најмала возраст. Тоа го правиме за себе и за иднината на државата.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија