Memorandum_mk
Докторите на чело на градежната мафија
02.12.2006

За Дневник, 02.12.2006 година
Новинар: Спасијка Јованова


Имаше еден случај во 2001 година, кога бев во градската управа. Ме зачуди колку брзо МВР го имаше внесено во системот едно новороденче. Бебе од 40 дена беше сопственик на три згради во Скопје и продаваше, купуваше, вадеше одобренија за градба. Имаше матичен број и можеше да врши промет.

Управата за јавни приходи им објави војна на даночните обврзници, посебно на државните функционери. Вака во јавноста се коментира најновата акција на инспекторите за собирање на даноците што фирми и граѓани „заборавиле“ да и' ги платат на државата. Директорот на УЈП, Горан Трајковски, не сака ваквите активности да ги нарече акција. Според него, тоа се редовни контроли на даночниците што треба да ја наполнат државната каса. Тврди дека при контролите нема да ги заборават бизнис-елитата, политичарите, државните директори. Ако набрзо не покаже резултати, Трајковски ветува дека ќе си поднесе оставка.

- Ако кажам дека сега нешто посебно се работи, ќе излезе дека порано не се работело. Колку работи УЈП, се гледа од приливите во буџетот. На крајот на ноември ги исполнивме годишните проекции за приходите од персонален и од данокот на добивка. Останува да го заокружиме ДДВ, бидејќи има друга динамика на плаќање. Факт е дека секогаш може да се наплати повеќе. Затоа ги интензивиравме активностите и утврдивме таргет-групи кон кои ќе се фокусираме и ќе ги оданочиме првпат. Тука влегуваат сивата економија, некои дејности што се затскривале и се прикажувале како нископрофитабилни, а практиката покажува дека се високопрофитабилни.

Општ впечаток е дека во многу дејности постои даночна евазија. Од каде ќе почнете? Кои се таргет-групите што ги одредивте?

- Што се случува во последните 7-8 години во градежништвото? Толкав подем сигурно е инспириран од високи профити. Штом некој бизнис не спласнува туку зема поголем замав и апсорбира се' повеќе луѓе, тој генерира високи профити. Финансискиот ефект од даночен аспект не е пропорционален со она што се случува на улица. За да можеме успешно да контролираме, дефиниравме четири модели на градба. Во еден, сопственик на парцелата е физичко лице, одобрението за градба гласи на физичко лице, инвеститор е физичкото лице, гради правно лице. Меѓу нив има различни комбинации. Во тие модели има облици на затајување данок што на прв поглед не сме ги перцепирале.

На пример, јас како правно лице градам објект на ваше име со мои пари, со познатата шема 1:2 (земам 100 квадрати од вас и ви давам 200 квадрати во новоградбата). Јас вршам поврат на ДДВ на вашите 200 квадрати, а немам право. Во друга ситуација, физичкото лице се јавува како продавач, а зад целата инвестиција стои правно лице што извршило поврат на ДДВ, а во крајната потрошувачка платило само со данок на промет од три отсто. Ги нема 18-те отсто од продажбата на становите. Нашите инспектори сега ги имаатдо четирите модели како рецепт за „васина торта“.


Системот полн со дупки

Кој е на врвот од тортата?

- Сите знаеме кои се топ-10 имиња што во последните години се промовираа во градежништвото. Тоа не се „Бетон“, „Маврово“, „Пелагонија“, „Гранит“. Други човек-фирми ги имаат главните локации. Прошетајте низ Скопје и ќе видите дека на градилиштата се повторуваат имињата на 5-6 фирми. Тие се де факто привилегираните, кои брзо доаѓаат до градежни дозволи и имаат банкарска поддршка. Кој стои зад тие фирми? Докторите. Според многу мал репрезентативен примерок, „белите мантили“, за живо чудо, се врвни градежници и дилери со недвижности. Тие се јавуваат секаде, како содружници, претприемачи и слично. Тоа за мене беше шок. Од 10 предмети, во осум доминантни основачи и содружници се доктори. Во оваа фаза нема да споменуваме имиња.

Градежната мафија со години го собира кајмакот од овој бизнис. Толку ли е добро разработена шемата на градежниците што инспекторите досега не ги спречија злоупотребите или, пак, намерно се игнорира овој проблем?

- Не е оваа шема ни толку разработена ни толку поврзана колку што ние сакаме да ја претставиме. Не дека нема врски. Но мрежата е премногу лесно направена поради недоизградениот систем на државата. Ако графичкиот приказ на таквиот систем му го покажете и на едно дете, тоа ќе види милион дупки. Не треба човек да биде монструозен криминален ум и да има пориви за криминал за да се протне низ тие лавиринти што државата ги оставила градејќи го системот. Тоа мора да се подобри. Ако не го сториме тоа, ќе не' нема. Де факто ќе бидеме некоја црна дупка, по што сите ќе не' препознаваат, а тоа би значело лош имиџ за државата и спротивно на она за што Владата се залага.

Уште колку други фирми ги користат дупките во законите? Која е следната таргет-група на даночните инспектори?

- Сите се потенцијална таргет-група. Во делот на ДДВ, најиндикативни се фирмите што вршат камионски превоз во странство. Еден шлепер вози за 10 купувачи. Генерира еден трошок, а за горивото што го точи во земјава законски врши поврат на ДДВ. Сопственикот кон фирмите за кои врши превоз фактурира толкав износ колку што му е потребно за да поврати ДДВ, а де факто прави услуга што чини 5-6 пати повеќе. Другото е чиста готовина. Во овој дел ќе контролираме со Царината. Не може да се врши транспорт за 10 фирми, а да има само две фактури.


Персоналец за сите

Во земјава нема податок колкави се реалните плати. Фирмите пријавуваат колку што им одговара, а не колку што им исплаќаат на вработените. Како ќе ги натерате да ги пријават реалните плати и на тие износи да платат персонален данок?

- Зборуваме за персонален данок и треба да ги натераме фирмите да го платат. Тоа е основната грешка што ја правиме 16 години, бидејќи одиме по линија на помал отпор. Фирмата е обврзана за корпоративниот данок, а работниците треба да одговараат за персоналниот данок. Но, за тоа ќе мора да решиме многу работи. Основна е правилникот што се пополнува за персонален данок. Кога ќе го видам, јас од памет се вадам. Си викам, тој што ќе го пополни е виртуоз. Но свесно ја поддржуваме таа состојба бидејќи полесно ни е да имаме еден обврзник отколку сите вработени во една фирма. По дефиниција, обврзници за персонален данок се 2.100.000 жители на земјава.

Планирате ли да го промените начинот на наплата за работниците сами да си плаќаат персонален данок?

- Да. Нема друг спас. Тоа ќе го направиме во моментот кога како администрација ќе бидеме доволно подготвени да примиме голем број даночни пријави, ефикасно да ги обработиме и да ги поедноставиме процедурите.

Лани УЈП не ги натера граѓаните да ги пријават реалните приходи за да им ги оданочи. Колку од нив пријавија приход?

- Не доволно. УЈП сега ќе ги искористи сите законски решенија и кадри за да изврши наплата. Ќе го објавиме јавниот повик за да ги потсетиме граѓаните да пријават дополнителни приходи. За да не се повтори практиката од претходните 15 години, кога на секоја втора самопослуга лепевме по едно огласче за да ги потсетиме граѓаните за обврската, размислуваме за нов начин за информирање: преку СМС-пораки, јавувања, честитки на врата. Целта е да ја елиминираме можноста некој да ни рече „извинете, јас не знаев“. Законот и Уставот никого не амнестираат поради непознавање на обврската. Посебно, не се амнестирани тие што не знаеле да испратат годишна даночна пријава, а знаеле да направат големи дополнителни приходи. Тие може да се повикаат на се', само не на неукост.


Нема амнестија

УЈП често се критикува со образложение дека не ја интересираат богаташите и начинот на кој го стекнале богатството. Дали планирате контроли и на приходите на тие граѓани?

- Секој треба да се оданочи и односот ќе биде личен кон секој даночен обврзник. Нема веќе чаршиски муабети од типот „што ме чепкате мене, видете го оној таму“. Јас викендов ќе им кажам една работа на сите даночни инспектори: имате четири основни закони за даноците, ве молам, да ги применувате. Крај. Ја уморивме инспекцијата од ставови и толкување на законите. Сега треба да ги олабавиме даночните инспектори. Јасно е кои се даночни обврзници и на кои даноци подлежат. Без разлика дали се фризери, козметичари и слично. Сега пак веќе и нема фризери, станаа стилисти. Тие за УЈП се фризери. Не знам јас што е салон за убавина, знам што е козметичар. Таргет-група на овие дејности се жените. Кај има жени, има пари. Не може некој фризер да има ексклузивен салон од 100 квадрати, стол од 1.000 евра и слична скапа опрема, а да пријави мал приход. За тоа ќе мора да покажат фактури, да ја отчитаат фискалната каса и не ќе можат да пријават помал приход од 100.000 денари, бидејќи ќе ги снимаме постојано. Точно се знаат периодите кога некои дејности имаат голем прилив. Затоа не се потребни ни ставови ни таргет-групи, ни богати ни големи. Прашањето е организациско, како ние во УЈП ќе се поставиме. Имаме ограничени ресурси, но ќе направиме добра организација за ефикасно искористување на кадрите. Ако ги испратиме инспекторите од 50-60 години, ослепени од читање картици, да најдат две штеки шверцувани цигари, не ќе знаат да најдат ништо. Тие ќе одат во големите компании за да ги прочешлаат финансиските документи. Затоа пак точно знам кои инспектори ќе одат по кафеаните. Тие знаат кој пее по кафеаните, кој келнер е на работа, дали во петок навечер „случајно“ истура „кока кола“ врз тастатурата на фискалната каса за таа да излезе од систем.

Кој ќе ги контролира државните функционери што со чиновнички плати заработија многу?

- Постапката е специфична и многу сложена. Голема е опасноста да се згреши, бидејќи се оди по работ и може да се повредат основните човекови права и слободи. Затоа ќе нема строго инспекторски приод. Постапката во 90 отсто е правна. Не смееме да си дозволиме дилетантизам, да ни пропадне постапката, да ни избега крупна ѕверка поради неуредна покана. Затоа направивме оперативна инструкција како ќе постапуваме и сфативме кој профил на даночен службеник ни е потребен за да ја води постапката. Таков даночен службеник во Македонија нема. Но имаме луѓе што се врвни познавачи на системот, кои во моментов за 15 минути ќе најдат се' за некого. Потоа се вклучуваат правниците па инспекторите. Само тимскиот приод ветува успех.

Како се манифестира нивното богатство?

- Перфидно е. Сите знаеме каде живее Горан Трајковски. Го бараме во системот и гледаме - Горан социјала, за жалење. Или станот е на татко му или му го позајмил брат му. Смешни се работите. Живее во куќа од 500 квадрати, а пријавува дека нема имот или има стан од 65 квадрати во Капиштец. Во сон да го разбудам тој функционер и да го натерам да ми го покаже станот, не ќе може да се сети каде му е. Дваесет години живее на Водно и нормално да не знае. Секогаш другите членови на семејството го поседуваат имотот. Имаше еден случај во 2001 година, кога бев во градската управа. Ме зачуди колку брзо МВР го имаше внесено во системот едно новороденче. Бебе од 40 дена беше сопственик на три згради во Скопје и продаваше, купуваше, вадеше одобренија за градба. Имаше матичен број и можеше да врши промет.

Се плашите ли поради акцијата што ја спроведувате? Имате ли закани од даночните обврзници?

- Ќе повторам, се' е, само не акција. Немам закани. Не верувам ни дека ќе има. Живеам непроменето, вообичаено како и секогаш. Убеден сум дека во земјава не постојат такви сили или центри на моќ што може да упатат сериозни закани, најмалку кон мене, а и воопшто кон Управата, бидејќи целта е општото добро.


И пратеник го крие имотот од УЈП

Објавивте дека 18 функционери не го пријавиле стекнатиот имот. Дали таа бројка е конечна?

- Не, таа беше до вчера (среда) до 18 часот. Денеска излезе уште еден, а утре верувам дека ќе бидат уште двајца. Бркајќи една адреса на булевар ББ, излезе една невладина организација што си ја формирало друштво на звучни имиња. Ако се потврдат овие сомневања, ќе бидат 22. Тие луѓе треба да бидат оданочени за својот луксуз. Знаеме кои се и што се, многу се читливи и видливи нивните приходи. Можат да живеат од тие приходи, но не толку бесно како што живеат. Според она што го прикажале во УЈП, не може да живеат така. Не може секоја вечер да вечераат во „Мулино“. За живо чудо, најверојатно ќе се појави и еден избран функционер. Досега беа само именувани државни функционери. Малку се штрекнав кога го видов името, си реков да не почне да прави проблеми, да мрда и да крева врева и да ги амнестира тројцата што се зад него. А убаво е да се стегнат останатите за да доведат до него. Името засега останува тајна.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија