Memorandum_mk
Имаме поднесено нови 70 пријави за затајување на околу 20 милиони евра
18.09.2005

За Радио Слободна Европа, 18.09.2005 година
 

Фискализацијата во Македонија се спроведува околу четири години. Уште што остана да се направи?

Останаа подвижните фискални апарати кои треба да стапат во примена, веќе се одобрени три производители во Македонија, исто така остануваат таксистите и приватниот превоз.

Најдовте ли со таксистите заедничко решение?

Јас се надевам, бидејќи последниот состанок заврши на обострано задовлоство. Ние им укажавме на нивните права во однос на фискализацијата, тие си ги кажаа своите проблеми, но јас се надевам дека ќе најдеме заедничко решение.

После нив остануваат ли уште некои даночни обврзници да се фискализираат?

Понатаму остануваат државните институции, како што се наплатните рампи кои не се даночни обврзници но, заради контрола на приходот кој се прибива од тој вид на јавна давачка ќе мора и тие да се фискализираат. Меѓутоа сметката која ќе се издава на граѓаните ќе биде со нула искажан данок.

Може ли да се направи некој пресек, кој делови од Македонија се повеќе фискализирани, кои помалку?

Во начело скоро сите се подеднаков фискализирани. Меѓутоа на ниво на целата територија јас сум задоволна и фискализацијата се остварува со 84% во целата држава.

Како вроди со плод кампањата која ја имавте и вашите инспектори на теренот?

Ако ви кажам дека пред да ја воведеме кампањата во Македонија фискализирани деловни објекти беа 20%, а сега се 84% и дека најголем дел од фискализацијата е постигнат за време на кампањата, тогаш сум ви кажала се. Ние направивме и анализа за бенефитот кој го добивме од кампањата и во него се гледа дека за „смешни“ пари државата си „собра“ огромни приходи.

Управата за јавни приходи стана интересна со откривањето на даночните пирамиди. Дојдовте ли во меѓувреме до некои сознанија?

Да, сознанијата се менуваат тековно. Но, ние како институција не ги објавуваме имињата на компаниите и постапките што се водат. Покрај оној веќе објавен податок за проследени кривични пријави. Ги имаме во постапка 70 нови кривични пријави со сума од околу 20 милиони евра.
И Брисел беше заинтересиран за прашањето околу даночните пирамиди. Испрати дополнителни прашања околу тоа, владата објави дека 40 милиони денари се уплатени откако само е објавена аферата околу даночната пирамида.

Задоволни ли сте од таа цифра?

Од цифрата не. Затоа што 40 милиони е мала сума на пари. Тоа се уплати од помалите даночни затајувачи, додека големите даночни затајувачи коишто се наоѓаат во моментот на истрага се големи суми на пари, доколку не се намириме со пари, а сигурно дека нема, затоа што некои ги испразнија сметките, а тие имаат имот во Македонија, ние тука нема да застанеме и ќе одиме на присилна наплата од личниот имот на газдите.

Имате ли дополнителни информации, задоволен ли е Брисел од одговорите или ќе бара дополнителни објаснувања?

Тоа не можам да кажам. Знам дека во моментот кога го дававме одговорот, бевме присутни сите органи кои работиме на оваа истрага. До критичниот ден ги содржеше податоците. Секојдневно тој податок се менува, така што ако има и понатаму интерес ние сме подготвени да одговориме.

Сепак, впечатокот во јавноста беше дека откако се обелодени аферата излегоа само некои ситни и мали имиња. Имате ли сознанија за некои големи бизнисмени и фирми за кои се шпекулира во јавноста?

Јас не велам така. Има големи даночни измамници и чесни граѓани на оваа држава. Дали се имињата звучни или не за мене се звучни бројките и сите ги гледам низ призмата на бројки. Оваа пирамида е правена така што се остварани наменски фирми, анонимни за државата, јас претпоставувам дека стојат моќници зад сето тоа, но моите инсинуации се мој впечаток, тоа не можам да го докажам. Со други зборови, сите измамници на листата што погрешиле и ја оштетиле државата ќе си одговараат.

Еден од новите закони во собраниска процедура предвидува и органичување на формирањето на таканаречените сестрински фирми. Што конкретно предвидува тој закон?

Буквално законот е усогласен со европската директива и е работен со помош од германската влада. Тоа значи дека во иднина не ќе може, или ќе може да основаат, но солидарно ќе одговараат, не само основачот, брачниот другар, туку роднини и сватови по прва линија, браќа и сестри, деца на браќата и сестрите, сопружници на браќата и сестрите, хранител и старател, со други зборови сите инволвирани кои имале било каков бенефит од основањето на фирма, одговорноста паѓа на сите. Јас се надевам дека законот брзо ќе се усвои во собрание и дека изреката да се умре и да се плати данок ќе важи и во Македонија.

Еден вашите инспектори беше директно инволвиран во даночното затајување. Постои ли сомневање дека и кај другите 270 инспектори има таков случај и дали вие вршите ревизија на работата на вашите инспекори?

Да, предмет на ревизија во континуитет е работењето на сите вработени во УЈП. И сите тие кои ќе ја злоупотребат функцијата ние нема причина да ги штитиме. Има специјално одделение за тоа, следејќи ја трагата на парите сите инволвирани ќе го добијат она што го добија и претходниците, согласно законот за државни службеници следува суспенција, престанок на работно место. Кривичните пријави се готови и поднесени.
Околу процесот на децентрализацијата. Со неа дел од даноците ќе управуваат општините.

Ќе има ли префрлање на вработените од УЈП во општините и како се одвива тој процес на префрлање на обврските во општините?

Релативно добр. Очекувавме проблеми во почетокот и не велам дека ги нема, ама сепак е релативно добро. Најдовме во најголем дел на одговорни градоначалници. Не само префрлањето на функацијата на градоначалниците и одговорноста, туку и на вработените си ја презедоа функцијата, но проблем може да има, и веќе се јавуваат во помалите оштини кои се формираат, а УЈП не располагаше со даночни одделенија во тие новоформирани општини. Тие ќе мора да се сервисираат од првата соседна општина, а има и такви кои се обраќаат до УЈП.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија