Со цел унапредување на работата на даночните службеници и надоградувањето на стекнатите знаења, од 5 до 7 април 2019, во Струга во организација на Генералниот Даночен инспекторат беше одржан семинар посветен на Законот за општа управна постапка, Законот за личен доход, данокот на добивка и регистрација и оданочување на физички лица со ДДВ.
Семинарот го отвори директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска која пред учесниците ја истакна важноста на обуките и семинарите како одлична можност за размена на искуства и усовршување на стекнатите знаења со што придонесуваат во професионалното извршување на работните задачи и за севкупниот позитивен впечаток на Управата за јавни приходи.
“Сите ние сме лицето на Управата за јавни приходи. Секој еден од нас ја претставува Управата за јавни приходи пред даночните обврзници и пред пошироката јавноста. И на сите нас, треба да ни биде чест што ја имаме таа можност, да сме претставници на институција којашто има главна улога во придонесот за економско силно и стабилно општетство”, рече Лукаревска.
Заменик директорот на Управата за јавни приходи, Насер Демири кажа дека на семинарот гледа можност да се споделат и искуствата од досегашната работа на даночниците, а со тоа и да се согледаат недостатоците при работењето, како и потешкотиите кои даночниците ги увиделе при извршувањето на работните задачи.
“На овој семинар имаме можност да зборуваме за проблемите со коишто се соочуваме во секојдневната работа, а со тоа и да отвориме дебата којашто ќе изроди идеи за нивно решавање. Но, истовремено и ќе укажеме на грешките и недостатоците при извршувањето на работни задачи и ќе зборуваме за начините како тие побргу да се надминат”, рече Демири.
Вториот дел од семинарот беше посветен на Законот за општа управна постапка во вршење на инспекциски надзор. На темата говореа проф.д-р Ана Павловска Данева и проф.д-р Борче Давитковски.
Двајцата експерти пред даночниците направија општ осврт на Законот. Зборуваа за неговата примена како и за основните начела со посебен осврт на начелата на законитост, пропорционалност, сослушување странка, делегирање на надлежноста и правната заштита.
Професорите Павловска Данева и Давитковски презентирајќи практични примери говореа и за водење на инспекциските постапки согласно Новиот ЗОУП, а се задржаа и на управните дејствија, правната заштита, како и на роковите за прибавување на докази и решавање на предметите.
По излагањето на експертите беше отворена и дискусија на којашто беа разменети искуства и идеи, а професорите одговараа и на прашања на учесниците.
ФОТО ГАЛЕРИЈА