Скопје – На 27 ноември 2011 година, Управата за јавни приходи ја промовираше Даночната академија. Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески и директорот на УЈП, Горан Трајковски со потпишувањето на Повелбата на Даночната академија симболично го отворија првиот час.
- Фактот што даночната академија ќе спроведува обуки и на соседните земји покажува дека угледот на УЈП во меѓународните институции и во јавноста е се поголем и оти кредибилетот што беше изграден во изминатите години овозможува да прераснеме во институција кој предничи со квалитетот во регионот – оцени вицепремиерот Ставрески.
Едукацијата преку даночната академија ќе се одвива во четири фази. Во првата ќе бидат едуцирани вработените во УЈП, втората фаза ќе ги вклучи и останатите вработени во државната администрација кои соработуваат директно со Управата, додека третата фаза ќе вклучи и приватни и други субјекти од државата чија дејност е поврзана со УЈП. Четвртата фаза од даночната академија, која треба да почне кон средината на 2013 година, е регионална даночна академија, наменета за обуки на даночните администрации на земјите од Југоисточна Европа и се очекува да придонесе за намалување на даночната евазија на регионално ниво.
- Ќе понудиме најквалитетна и бесплатна обука за сите заинтересирани. Освен за вработените, на 30 ноември ќе почнеме и со обука на вработените во Царинската управа. Функционирањето на академијата го финансира комплетно УЈП – потенцираше директорот Трајковски.