Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
            1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31          
Recnik
Даночен речник - преглед по поими

Даночниот речник опфаќа дефиниции на поими и кратенки кои директно или индиректно се поврзани со даночното работење. Како систематизиран материјал, речникот првенствено е сублимат на терминологија опфатена и дефинирана во законските и други прописи.


Б
Банка

Правно лице со дозвола од гувернерот на Народната банка на Р.Македонија основано согласно Законот за банки, чија основна дејност е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување на кредити во свое име и за своја сметка. Странска банка е правно лице регистрирано и со седиште надвор од Р.Македонија, кое од надлежен орган на земјата добило овластување за вршење на банкарски активности и е под супервизија на надлежен орган овластен со закон или друг пропис во таа земја. Банкарска филијала е организационен дел на банка, кој нема својство на правно лице и кој директно ги извршува сите или дел од активностите кои ги врши банката.

 
Банкарска група

Банка или финансиско холдинг друштво со седиште во Р.Македонија кои остваруваат контрола врз или учествува во една или повеќе други банки, други небанкарски финансиски институции или друштва за помошни услуги на банка, при што банката или финансиското холдинг друштво се сметаат за матично лице на банкарската група, додека сите останати членки на групата се сметаат за подредени лица на тоа
матично лице.

 
Барање за враќање на данок (согласно договорите за одбегнување на двојно оданочување)

Барање кое може да го поднесе странско правно лице-примател на приходот доколку при исплатата не располага со заверен образец Барање за олеснување односно ослободување од данок врз основа на договорите за одбегнување на двојно оданочување. За секој вид на приход има посебен образец.

(види и образец ЗД-В/АП, ЗД-В/ДИ, ЗД-В/ДП, ЗД-В/КА)
 
Барање за заштита на законитоста во управна постапка

Вонреден правен лек кој може да го поведе само јавниот обвинител против правосилно решение донесено во работа во која не може да се води управен спор, а судска заштита не е обезбедена ни надвор од управниот спор, доколку смета дека со решението е повреден законот.

 
Барање за издавање на потврда за резидентност во Р.Македонија (согласно договорите за одбегнување на двојното оданочување)

Се поднесува од страна на домашно правно лице со цел добивање на потврда за резидентен статус во Р.Македонија.

(види и образец Образец)
 
Барање за олеснување односно ослободување од данок (согласно договорите за одбегнување на двојно оданочување)

Барање кое може да го поднесе странско правно лице-примател на приход, при исплата на приходот за кој треба да се задржи данок, а со цел остварување на правата од меѓународниот договор за одбегнување на двојното оданочување. За секој вид на приход има посебен образец.

(види и образец ЗД-О/ДИ, ЗД-О/АП, ЗД-О/ДП, ЗД-О/КА, ЗД-ДО)
 
Барател на информација од јавен карактер

Секое правно и физичко лице без дискриминација по која било основа, на начин и под услови утврдени со
закон.

(види и информации од јавен карактер)
 
Биланс на состојба

Пропишан образец во кој се искажува состојбата на средствата, капиталот и обврските, утврдени на крајот на периодот за кој истиот се составува. Билансот на состојба е составен дел на Годишната сметка која ја изготвуваат: правните лица - трговци, физичките лица трговците-поединци, како и правните лица со седиште во Р.Македонија кои вршат дејност одредена со националната класификација на дејностите, а кои не се сметаат за трговци (ако со друг закон не е поинаку определено).

 
Биланс на успех

Пропишан образец во кој се искажуваат сите приходи и расходи и резултатот од работењето, остварени во периодот за кој истиот се составува. Билансот на успех е составен дел на Годишната сметка која што ја изготвуваат: правните лица - трговци, физичките лица трговците-поединци, како и правните лица со седиште во Р.Македонија кои вршат дејност одредена со националната класификација на дејностите, а кои не се сметаат за трговци (ако со друг закон не е поинаку определено).

 
Благајнички запис

Краткорочна хартија од вредност издадена од Народната банка на Р.Македонија, која се продава по дисконтирана вредност, а на денот на пристигнување издавачот ја исплаќа номиналната вредност.

 
Бруто-плата

Претставува збир на износот на нето-платата, персоналниот данок и социјалните придонеси.

(види и образец МПИН)
 
Буџет на донации

Годишен план на приходите од донации и одобрените средства кои се користат строго наменски и согласно со договор склучен со донаторот.

 
Буџет на дотации

Годишен план на приходите од дотации и одобрените средства кои се користат за финансирање на надлежностите на општината, за финансирање конкретна намена, надлежност, програми и инвестициони проекти.

 
Буџет на заеми

Годишен план на приливи од заеми и одобрените средства кои се користат за финансирање на надлежност, програми и проекти.

 
Буџет на општините

Годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства и ги влучува основниот буџет, буџетот на дотации, буџетот на донации, буџетот на заеми и буџетот на самофинансирачки активности.

 
Буџет на Република Северна Македонија

Акт со кој се планираат годишните приходи и другите приливи и одобрени средства и ги вклучува централниот буџет и буџетите на фондовите. Централен буџет е годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства, а се однесува на буџетските корисници на централната власт и ги вклучува основниот буџет, буџетот на донации, буџетот на заеми и буџетот на самофинансирачки активности.

 
Буџет на самофинансирачки активности

Годишен план на приходите од активностите на буџетските корисници, односно единките корисници кои се дополнителни на основните активности дефинирани со закон и на одобрените средства.

 
Буџет на фонд

Годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства за финансирање на активностите на фондот утврдени со закон.

 
Буџетска класификација

Хиерархиски приказ на шифрите наменети за класифицирање на функциите, организационите единици, активностите и економските трансакции на единствен и конзистентен начин.

 
Буџетски дефицит

Негативна разлика меѓу планираните, односно наплатените приходи и одобрените средства, односно расходи.

 
Буџетски корисници

Корисници од прва линија од областа на законодавната, извршната и судската власт, фондовите, корисниците на буџетите на општините и корисниците основани со закон на кои им е доверено вршење на јавни овластувања.

 
Буџетски приходи

Даноци и други задолжителни плаќања утврдени со закон, приливи кои произлегуваат од сопственост на средства (камата, дивиденда, закупнина и сл.), надоместоци за дадени добра или услуги, подароци, донации (неповратни средства добиени од влади на други држави или меѓународни организации, како и од домашни или странски правни или физички лица кои се користат за тековни или капитални расходи), субвенции и трансфери.

 
Буџетски расходи

Сите плаќања и одливи од буџетите за одредени намени, освен отплатата на главнината на заемите.

 
Буџетски суфицит

Позитивна разлика меѓу планираните, односно наплатените приходи и одобрените средства, односно расходи.

 
 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија