![](/uploads/Image/%D1%81%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0%20%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B7%D0%B5%D0%BD%D1%82%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0.jpg)
На покана на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска учествуваше на „Дијалог за даноците и целите за одржлив развој во 2023 година“ кој се одржа на Универзитетот Колумбија во Њујорк, САД во периодот 14-17 Ноември 2023 година.
![](/uploads/Image/20.11.2023.jpg)
Настанот беше организиран на заедничка иницијатива на УНДП, Владата на Финска и Владата на Норвешка а целта на Дијалогот оваа година беше продлабочување на колективната свест и разбирање за врската помеѓу оданочувањето и Целите за одржлив развој. На дијалогот се истакна стратешката улога на даночните политики и даночната администрацијата во градењето на поправедни општества поддржани од праведни и робусни даночни системи како и дека со приближување на критичната половина од Агендата за 2030 година, улогата на оданочувањето во постигнувањето на Целите за одржлив развој е позначајна од било кога.
Учесниците на настанот министри за финансии, директори на даночни администрации, претставници од меѓународни организации и дипломати на Обединетите нации се согласија дека оданочувањето не е само алатка за создавање приходи, туку истото игра значајна улога во поттикнувањето на одржливиот развој, зајакнување на социјалните договори и остварување значајно влијание врз клучните сектори како што се здравството, климата и управувањето.
Главните теми на дијалогот беа: фискални политики и влијание на даночните политики, улогата на даноците, даночна рамка за Целите за одржлив развој, потреба за инвестирање во одржливи даночни администрации, справување со незаконски финансиски текови, глобална перспектива за здравјето и социо-економската стабилност, донатори, оданочување и Целите за одржлив развој, интегрирање на економијата во даночната политика и влијанието на медиумите и новинарството врз даночните политики.
![](/uploads/Image/20.11.2023_1.jpg)
Вториот дел од Дијалогот се одржа во седиштето на УНДП каде се дискутираше за прогресивната даночна политика и родовата еднаквост, социјални придонеси за жени, даночни олеснувања како и намалување на предрасудите.
Во рамките на овој Дијалог директорката Лукаревска оствари повеќе работни средби и состаноци со дел од учесниците на дијалогот во насока на можни соработки, размена на искуства и најдобри практики.
![](/uploads/Image/%D1%81%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0%20%D1%86%D0%B5%D0%BB%D0%B0%20%D1%81%D0%B0%D0%BB%D0%B0.jpg)