Управата за јавни приходи, упатува апел до даночните обврзници пред да го поднесат Даночниот биланс за 2024 година (образец ДБ) да направат проверка, дали правилно ги искажале податоците за реинвестирана добивка согласно законските одредби а со цел остварување на правото на намалување на даночната основа за реинвестирана добивка во текот на 2024. Согласно со членот 28 од Законот за данокот на добивка, предуслов за користење на правото на намалување на даночната основа за реинвестирана добивка е:
- Да е остварена добивка во претходната 2023 година и истата да е соодветно прикажана во годишната сметка (АОП 255 од Билансот на успех);
- За добивката или дел од добивката да е донесена одлука за распоредување за инвестиции во материјални средства (недвижности, постројки и опрема), вклучително и материјални средства набавени преку финансиски лизинг и нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти) наменети за проширување на дејноста на даночниот обврзник, и истата да е соодветно евидентирана како издвоени резерви на сметка 942 – Останати резерви и
- Во текот на 2024 година да извршена набавка на средствата.
Во оваа насока прикажуваме и кратка пресметка за даночен обврзник со три претпоставени примери А, Б и В со цел искажување на точен податок во Даночниот биланс за оданочување на добивка „образец ДБ“.
1. Добивка по годишна сметка за 2023 година распоредена за инвестиции (АОП 255 од БУ) |
2.500.000 |
2.500.000 |
1.000.000 |
2. Даночна основа во ДБ за 2024 година |
1.200.000 |
1.200.000 |
1.500.000 |
3. Износ на набавено нематеријално средство (компјутерски софтвер) |
1.000.000 |
1.500.000 |
1.100.000 |
4. Право на намалување на даночната основа за реинвестирана добивка (АОП 48 од ДБ за 2024) |
1.000.000 |
1.200.000 |
1.000.000 |
Од примерите А, Б и В може да видиме дека даночниот обврзник има право на намалување на даночната основа на АОП 48 од образец ДБ по правилото на најмал износ односно најмалиот износ од реден број 1 до реден број 3.
Сакаме да напоменеме дека точното евидентирање на податоците во ДБ е предуслов за користење на предметното право на намалување на даночната основа за данокот на добивка по основ на извршени вложувања од добивката (реинвестирана добивка) од страна на даночните обврзници, и истото е клучно за оптимално искористување на расположивите ресурси на даночниот обврзник и даночната администрација, како и одржлив раст на бизнисот и минимизирање на ризикот од санкции.