На 2 и 3 јули 2025 година во Брисел се одржа годишниот координативен состанок за фискалните реформи во земјите од Западен Балкан, организиран од Фискалниот оддел на Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и Швајцарскиот совет за економски прашања.
На состанокот присуствуваа директори и високи претставници од даночни администрации и министерства за финансии од земјите од регионот, како и од релевантни меѓународни организации: Светска банка, ОЕЦД и Центарот за извонредност на финансиите. Дискусиите беа фокусирани на прашања поврзани со управувањето со јавните финансии, модернизацијата на администрацијата на јавните приходи и унапредувањето на даночната политика.
Македонската делегација на координативниот состанок ја предводеше директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова, со што УЈП имаше значајно учество на овој престижен меѓународен настан.
Директорката Петрова во обраќањето пред присутните учесници ја претстави тековната реформска агенда на Управата за јавни приходи со посебен акцент на напорите за дигитализација на процесите, при што беа споделени и научените лекции од досегашните искуства.
Како што нагласи директорката Петрова, УЈП учи од минатото, но работи за иднината, со јасна визија за институционална трансформација која не се сведува на ИТ проект или нов софтвер, туку суштинска промена на сите функции на администрацијата, примена на современи информациски и комуникациски алатки и сигурен и безбеден систем.
Во рамки на настанот, беа остварени и билатерални средби со директорот на даночната администрација на Црна Гора , Сава Лакетиќ и со директорот на даночната администрација на Косово , Илир Муртезај. Ви пријателска и конструктивна атмосфера беше договорено продлабочување на соработката на билатерално ниво и размена на знаења, искуства и добри практики.