Memorandum_mk
01.07.2023
ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПРЕКУ МОЈДДВ КАЈ ГРАЃАНИТЕ СЕ ВРАТЕНИ 107,5 МИЛИОНИ ЕВРА

По повод 4 години МојДДВ, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска заедно со Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска во Клубот на пратеници оддржаа брифинг за новинари.

Пред присутните се информираше дека од воведувањето на апликацијата до денеска на апликацијата МојДДВ регистрирани се 538 919 корисници и тој број континуирано расте. На почетокот на мерката во 2019 година, апликацијата имаше 213 055 корисници, во 2020 кон МојДДВ, се приклучиле нови 149 753 лица, во 2021 година апликацијата почнале да ја користат нови 74 668 лица, односно 70 314 нови корисници во 2022 година. Во првите шест месеци од годинава, на апликацијата МојДДВ се регистрирале нови 31 129 корисници.

Освен бројот на корисници, Лукаревска рече дека расте и бројот на скенирани фискални сметки на остварен промет. Во 2020 година, остварениот промет изразен во фискалните сметки изнесувал 106,5 милијарди денари, во 2021 година прометот изнесува 148,3 милијарди денари додека во 2022 година прометот од скенираните фискални сметки е 178,7 милијарди денари. Најмногу скенирани фискални сметки се оние издадени од ланците маркети и бензиските пумпи.

Најголем број односно 74 866 фискални сметки скенирала Штипјанка, веднаш по неа е жителка на Валандово со 52 731 скенирана фискална сметка, а со 41 647 скенирани фискални сметки е жител на Кичево, потоа следат граѓани од Битола, Велес, Скопје, Прилеп, Кочани, Неготино и Гевгелија.

„За овие 4 години кај граѓаните вративме 6,6 милијарди денари или 107, 5 милиони евра. Исплатата за скенираните фискални сметки во второто тримесечје односно во месеците април, мај и јуни ќе се реализира во август каде се очекува да се исплатат 696 милиони денари, или 11,2 милиони евра. Тоа се сериозни средства вратени на сметките на граѓаните кои скенираат фискални сметки и на тој начин директно ги подобруваат семејните буџети.“- рече Лукаревска.

Директорката додаде дека 293 348 корисници на апликацијата се жени, а 245 571 се мажи. По однос на возраста апликацијата ја користат лица од 15 до над 90 години. Тоа е показател дека мерката е добро креирана, добредојдена е, и прифатена од сите целни групи и возрасти а тоа е и мотив плус Управата за јавни приходи да продолжи да ја унапредува и усовршува истата и партнерски заедно со граѓаните на лесен и едноставен начин да придонесува кон намалување на нелојалната конкуреција како и јакнење на даночниот морал.

Министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека системот на враќање на дел од ДДВ на граѓаните овозможи секој граѓанин да стане даночен контролор за своите потрошени пари, а за истото да биде награден преку враќање на дел од данокот.

На тој начин оваа мерка ја остварува својата цел за која е воведена, а тоа е намалување на сивата економија и зголемување на евидентираниот промет преку фискалните системи на опрема. Низ годините се евидентира зголемен број корисници и зголемени износи за враќање на дел од данокот, како и зголемени приходи од ДДВ низ годините. На граѓаните од оваа година преку оваа мерка, со донесените законски измени предложени од Министерството за финансии, им се врши и зголемен поврат, од 1.800 денари на 2.100 денари во едно тримесечје“.

Директорката ги потсети граѓаните дека во секој момент може да ја следат исплатата, односно со најавување на системот е-ПДД во делот „МојДДВ“ можат постојано да следат до каде е нивната исплата, да видат дали и колку средства им се исплатени и ако не им се исплатени зошто не им е исплатено, а апликацијата нуди можност корисниците сами да ги ажурираат информациите и податоците за нивните профили. Апелираше до граѓаните кои сеуште не се регистрирани на апликацијата, да се регистрираат, а граѓаните кои веќе ја користат апликацијата редовно да ги ажурираат податоците, особено е важно граѓаните кои промениле трансакциска сметка, навеле туѓа трансакциска сметка или број на платежна картичка истото да го корегираат. На тој начин се овозможува со валидни податоци за секој корисник исплата на средства по основ на скенирани фискални сметки и поврат на дел од искажаниот ДДВ.

   
 
     

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија