Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова со својот тим на ден 25.02.2026 година оствари работна средба со делегација на Стопанска комора на Северозападна Македонија, предводена од претседателот Нухи Алиу.
Средбата се одвиваше во конструктивна атмосфера, при што се разговараше за прашања од интерес за компаниите, поврзани со даночните услуги и процесите што ги обезбедува УЈП. Заеднички беше оценето дека навремените, транспарентни и ефикасни услуги придонесуваат плаќањето на даноците да не претставува административен товар за компаниите, туку предвидлив и јасен процес.
Директорката на УЈП, Елена Петрова, ги презентираше тековните активности и плановите за понатамошна дигитализација на услугите, со цел унапредување на корисничкото искуство и поедноставување на процедурите.
Особено внимание беше посветено на справувањето со сивата економија, која претставува предизвик и за државата и за чесните даночни обврзници. Беше истакната потребата од заеднички напори за поттикнување на даночната усогласеност, како и можноста за дополнително вреднување и јавно препознавање на компаниите кои одговорно и навремено ги исполнуваат своите даночни обврски.
УЈП останува доследна на својата определба за партнерство со деловната заедница, уверена дека само преку отворен дијалог и соработка може да се гради фер, предвидлив и современ даночен систем.