Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова и нејзиниот тим остварија работна средба со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка.
|
|
На состанокот се дискутираше за новиот Единствен регистар на сметки кој согласно одредбите од Законот за платежни услуги и платни системи се очекува да се воспостави и ќе содржи податоци и информации за платежни сметки, депозити и сефови кои ќе им бидат достапни на релевантните државни институции во земјата, вклучувајќи ги Народната банка и Управата за јавни приходи.
Достапноста до овие информации ќе ја зголеми ефикасноста на двете институции во извршувањето на нивните задачи, а особено во насока на подобрување на процесите за присилна наплата преку лесен пристап до релевантни информации за платежните сметки, што е клучно за новиот електронски систем за присилна наплата, исто така предвиден со Законот за платежни услуги и платни системи.
|
Воспоставувањето на електронскиот систем за присилна наплата ќе го дигитализира и олесни процесот на комуникација помеѓу органите за присилна наплата и давателите на платежни услуги, а ќе обезбеди и поцелосни и понавремени информации за расположливоста на паричните средства, што ќе придонесе кон намалување на бројот на блокади и поголема заштита на граѓаните, особено надминување на евентуални проблеми во присилната наплата од парични средства на сметка на банка.
На состанокот во Народната банка беа разгледани и иницијативи за унапредување на протоколите за размена на податоци, што ќе овозможи полесно следење на монетарните и фискалните трендови. Оваа координација ќе придонесе за подобра интеграција помеѓу фискалната и монетарната политика, како и за борба против неформалната економија. Двете институции се залагаат за финансиски екосистем кој поддржува отчетност, транспарентност и доверба, како основа за градење на поотпорна економија и одржлив економски раст.
На средбата беше истакната важноста на меѓуинституционалната соработка во финансискиот систем, која е клучна за зачувување на макроекономската стабилност. Преку координација и споделување на финансиски податоци, како што беше истакнато, ќе се засили управувањето со ризиците и ќе се преземе проактивен став против финансиските неправилности, што пак од друга страна ќе помогне во јакнењето на економската отпорност.
Петрова и Ангеловска-Бежоска изразија подготвеност за продлабочување на соработката помеѓу двете институции во рамките на своите надлежности со цел обезбедување подобар пристап до финансиски услуги на граѓаните и компаниите од нашата земја.