За Капитал (дневен весник), 10.12.2010 година
Новинар: Спасијка Јованова
Директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски, во моментот е еден од малкуте луѓе во земјава кој знае каков се криминал се случувал во шесте фирми на Перо Наков бб. Документацијата на овие фирми е под истрага во УЈП. Но, Трајковски тврди дека се уште е рано точно да се каже за колкав износ на перење пари и даночно затајување станува збор, бидејќи криминалните шеми биле многи големи и комплицирани. Тврди дека ќе одат до крај и дека нема да одговараат само управителите на фирмите, туку и нивните основачи. Вели дека не го интересира политичката димензија на случајот.
Документите од Перо Наков бб завршија во УЈП и во Финансиската полиција. Што покажува истрагата, за колкав криминал станува збор?
- Истрагата тече. Да може некој да ги види нашите инспектори кои работат на фирмите, ќе види што е сериозност. Влегоа во фирмите на 25 ноември, а излегоа на 26 утрото во 5:30 часот. На 2-3 дена одат дома само на кратка пауза. Факт е дека запленетата документација е во добар дел обработена. ИТ-експертите отворија голем дел од компјутерите. Станува збор за огромна документација, за шест фирми, за петгодишен период. Можам да ви го кажам само ова: она што ни беше индиција се потврди. Има големи неправилности во работењето, со голо око се гледаат и незаконитости. Кога велам неправилности, мислам прекршоци, а незаконитостите подразбираат кривична санкција. На прашањето колкав е криминалот, ние немаме единица-мерка дали е мал или голем. Факт е дека имаме докази за одредени криминални дејства во фирмите. Тоа што ние го гледаме се однесува на даночно затајување, иако може да стане збор и за перење на пари. Управата за спречување на перење пари ги проверува трансакциските шеми за да видиме кои се крајните дестинации на парите. Една европска администрација веќе пројави интерес за случајот уште од првиот ден. Од 6 декември таа даночна администрација, ќе ми извинат читателите на Капитал што не можам да кажам за која станува збор, е вклучена во даночната истрага.
Според документи што излегоа од истрагата, управителите на фирмите се државјани на Труција, Србија и на Косово. Дали криминалот е кон тие земји?
- Македонските пари никогаш не завршувале во Турција, Косово или Србија, бидејќи тие не се интересна дестинација за банкарски трансфери. Едната дестинација на парите се класични даночни раеви, а другата дестинација се земји-членки на ЕУ со висок степен на даночна тајна.
Како можен криминал Вие споменавте сума од 7,5 милиони евра кога започна истрагата. Дали таа сума во меѓувреме порасна или се намали?
- Има повеќе суми. За да биде јасно, 7,5 милиони евра се трансакциите на фирмите кон странство. Тоа беше основната индиција за да влеземе во контрола. Кои се тие фирми и колкава деловна активност имаат за да исплаќаат кон странство 7,5 милиони евра?. Тоа е првиот филтер на ризик кој не донесе во фирмите, покрај случувањата во МиА Беверџис, кои исто така не упатуваа кон дел од овие фирми. Даночната контрола треба да покажа врз која основа се исплатени парите, дали се тоа плаќања за увоз на одредени стоки, за услуги и маркетинг-консултации... Но, обемот и дејноста на фирмите даваат за право да имаме висок степен на сомнеж и висок ризик дека не е баш природно тој вид фирми да имаат такво надворешно трговско работење. Сосема е друго прашањето за 1,5 милион евра, кои се однесуваат на Акстра трејд, кои се однесуваат на непресметан ДДВ. Ако докажеме дека 7,5 милиони евра се одлеани надвор, од даночен аспект не интересира 15% данок по задршка. Тоа е втор наод. Имаме сознанија за неисплатени плати во Акстра трејд, фирмата која произведувала прехранбени добра. Тоа ќе биде сосема друг наод, каде ќе има обврски за персонален данок, пензиски и здравствени придонеси. Повторно ќе кажам, станува збор за шест фирми со премногу испреплетени деловни односи. Секојдневниот увид во документацијата само го потврдува тој сомнеж. Во сметководствените книги на една фирма се водат платите на трета фирма, еден куп нелогичности, кои ни даваат за право да тврдиме дека фирмите се поврзани меѓусебно и имаат една заедничка цел. А тоа е даночно затајување и, доколку успееме да докажеме со помош на Финансиската полиција, и перење пари.
Дали на крај санкцијата ќе се однесува само на управителите на фирмите?
- Не. Македонската јавност многу добро памети, на пример, за случајот со Смиленски, за кој ќе се повикам на правосилна пресуда. Смиленски не беше управител на фирмите, како на пример, Картон Текс од Свети Николе, а одлежува правосилна казна затвор. Значи, независно дали тој бил организатор, поттикнувач, ум на случувањата. Токму поради тоа, и основачите може да бидат предмет на кривична одговорност.
Може ли да ни опишете барем дел од шемата по која се спроведувала даночната измама?
- Јас искрено би сакал да можам детално да ја раскажам шемата за да биде јасна на секого. Тоа значи дека “Капитал” ќе треба да издаде посебно списание, како што издавате Банкарство, Економија. Значи ќе треба на 100 страни да пишувате за на кратко да ги објасните поврзаноста на фирмите и нивните деловни односи. Во принцип, во употреба се класични шеми на злоупотреба на деловни односи помеѓу фирмите за да не се плати данок, да се потцени вредноста, да се обезвредни фирмата и парите да завршат во приватни џебови во земјава и во странство. Епицентарот на случувањата е МиА Беверџис, кој во кратка единица време беше доминантна на пазарот, а потоа почна да исчезнува. Тоа беше сигналот да влеземе и нормално ги следевме залихите и парите. Се виде дека има многу повеќе залихи отколку пари во одредени случаи, а во други обратно. Едноставно кажано, се е сведено на фактури, но промет не постоеше. Нешто многу слично, да не кажам идентично, со случувањата во Сведмилк. Истиот механизам за пропаѓање на Сведмилк се примени на МиА Беверџис, со тоа што во овој случај има многу повеќе правни лица. Дека тоа не е случајно знаете и самите, бидејќи МиА Беверџис беше еден од главните играчи и основачи во Сведмилк.
Ако вашиот софтвер како ризична ја исфрли МиА Беверџис и оттука тргна истрагата за шесте фирми на Перо Наков бб, а истата фирма, заедно со фирма на Велија Рамковски, фигурираат и во Сведмилк, дали на средината на тој триаголник не може да се одврзе клопчето и за криминалот во Сведмилк?
- Од тоа како тргнаа работите верувам дека ќе се разјасни и криминалот во Сведмилк. Ние направивме контрола на Сведмилк во 2008 година и стоиме зад тие наши наоди, но тоа се наоди од чисто даночен аспект. Моменталните случувања во МиА Беверџис и во шесте фирми во одредени сегменти ме навраќаат на случувањата во Сведмилк и верувам дека ќе бидеме доволно брзи за да се дополнат кривичните пријави, кои се процесуирани пред обвинителството и судовите, за да бидат надополнети со квалитетни докази за да имаме квалитетна разрешница и на Сведмилк, што ќе ни биде гаранција дека ќе имаме успешна разрешница во МиА Беверџис и во фирмите на Перо Наков.
Против Ала ал Кафаги, сопственикот на МиА Беверџис, се поднесени кривични пријави. УЈП исто така го бара Ал Кафаги. Но, за него не е распишана меѓународна потерница. Дали УЈП го бараше тоа?
- УЈП нема право да бара да се распише меѓународна потерница. Ние имаме право и тоа го користиме да бараме од Финансиската полиција да ни го обезбеди лицето во одредена фаза од даночната контрола. Во моментов ги имаме обезбедно управителите и овластени лица од МиА Беверџис. Ние го баравме посоченото лице за разговор. Нашите сознанија беа дека е во Грција и дека наредниот ден ќе дојде во Скопје и ќе им биде достапен на инспекторите на УЈП. Се уште не е дојден во Македонија. Контролата во МиА Беверџис во моментов тече без пречки. Доколку дојдеме во фаза кога ќе ни биде потребно и негово присуство, повторно ќе инсистираме пред надлежните институции да го обезбедат.
Во јавноста се создаде впечаток дека попушта притисокот и подготвеноста на државните институции за случајот Перо Наков бб откако сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, јавно ретерираше во односот на ставот кон актуелната власт и дека се пазари со власта. Дали навистина ќе одите до крај?
- Тоа можеби е само пуста желба на некого, можеби за нечии уши убаво звучи дека дошло до некакво пазарење. Не можам да се правам дека не сум оттука, но тоа како институт ми е навистина малку чудно - дека некој може да се испазари и да направи договор за вака големо прашање. Тоа е чиста шпекулација. Крајот, едноставно кажано, е да завршат контролите, да ги потврдиме нашите сомневања, да ги преточиме во наоди, да кажеме која фирма колку ДДВ, персонален данок и данок на добивка затаила. Наша примарна цел е да ги наплатиме побарувањата, а останатиот дел ќе го финишираат Финансиската полиција и МВР.
Каде се документите од истрагата што УЈП ја спроведе во фирмите на Перо Наков бб во 2006 година?
- Документите се во УЈП. Но, даночен орган не може да се произнесе во услови кога нема соодветна документација. Факт е дека тоа беше една неуспешна котрола, кога на овластените лица не им биле презентирани евиденциите од финансиското и материјалното работење. Она што јас можев да го видам, чешлајќи ги предметите од 2006 година, е дека имало високопрофесионален однос на колегите кои биле на контрола, кои јасно кажуваат дека поради немање веродостојна документација не можат да се произнесат. Сакам да напоменам: ние во моментов не вршиме контрола на А1 телевизија. Тоа не значи дека нема да вршиме, во блиска или подалечна иднина. Во фирмите кои се предмет на контрола не фигурира лицето Велија Рамковски. Името Перо Наков бб е заеднички именител. Во меѓувреме се случија многу работи. Јас не сум стручно лице за да кажам дали тоа е кажано во афект или не, но се кажаа многу работи во јавноста. Од каде потекнуваат парите што ги најде МВР во приватен стан, која фирма што и како работела. Тоа е предмет на оваа истрага. А тоа дали овие шест фирми ќе не доведат во А1 или А1 ќе биде подложена на посебна контрола, ќе покаже времето.
Не сум мегафон на Владата
Во јавноста ја пласиравте идејата за даночна амнестија на парите кои во изминатите 20 години се изнесени од државата. Од каде произлезе оваа идеја? Дали е навистина само Ваша или пак, во договор со Владата, ја тестиравте атмосферата во јавноста?
- Прво, далеку од тоа дека сум мегафон на Владата и дека на мала врата прокламирам владини идеи за да го опипам пулсот на јавното мислење. Дека е тоа така ме потсети и еден од натписите во Време по мојата изјава, каде се вели дека Трајковски го променил ставот и се повикаа на мое интервју од 2007 година, каде буквално имам кажано дека имам 1001 аргумент за даночната амнестија, но дека од позиција на директор на УЈП не сум во состојба да ги изнесам. Токму поради тоа во 2010 година се оградив дека не како директор на УЈП, туку како Горан Трајковски, како човек кој 11 години е активно вклучен во случувањата во даночната сфера во Македонија и регионот, си земам за право да изнесам личен став дека на Македонија и е потребна даночна амнестија. Дали ние ќе зборуваме за даночна амнестија или декларирање на сивата економија во Македонија, тоа се веќе прашања на модалитети. Имаме фактичка состојба дека многу пари на македонски граѓани се наоѓаат надвор од нормалните парични текови, во земјава или во странство. Можеме да правиме само груби проценки - дали станува збор за милијарда евра, две, пет, десет... Јас силно верувам дека, доколку се донесе, законско решение, силно поткрепено со општонароден консензус и кое ќе важи краток период од најмалку една календарска година, во Македонија ќе влезат минимум една милијарда евра. Ме охрабрува да се држам до оваа тема и да бидам уште поажурен во истражување на компаративните искуства и македонскиот модел да го ставам на хартија и да го предложам пред ресорниот министер и Владата. Тоа што научната јавност, еминентни имиња, познавачи на даночната проблематика, цврсто застанаа зад потребата од даночна амнестија, тоа е моја лична сатисфакција и стимул да се држи прашањето отворено со цел да се постигне консензус. Од бизнис-заедницата веќе пристигнуваат отворени пораки за поддршка, што е многу важно. Сега станува збор за тоа дали веруваме во институциите и каква би била даночната амнестија. На Македонија и се потребни пари. Од овие пари, кои се наши пари, нема поевтини и жално е да бидат поткрепа на странски економии.
“Капитал” веќе пишуваше дека кај бизнисмените постои интерес да ги вратат парите во земјава. Но, дали верувате дека во сегашното милје во општеството, во институционалната поставеност и политичка атмосфера, даночната амнестија ќе се спроведе до крај?
- Апсолутно да. Поради тоа што не верувам дека човек што има пари не сака да ги живее придобивките на парите. Секој од нас сака да биде богат и нормално е дека кога човек е богат, треба да биде богат во вистинската смила на зборот. Рускиот модел на закани, киднапирање и рекетирање не е применлив во Македонија, бидејќи Македонија и Русија се премногу различни системи и премногу различни земји. Македонија го нема тој вид олигарство што го има Русија. Смешно е да се споредува држава со два милиони жители и ваква економска крвна слика со Русија, со 140-150 милиони жители со природни ресурси какви што ги има и е единствена во светот. Но, го имаме моделот на Италија и Турција, која ни е блиска по менталитет. Исто така го имаме моделот на Финска, кој би требало да е совршен. Значи, тука треба да има една мешавина од законски решенија, обичаи, менталитет и ќе биде премногу автохтоно решение, како што сите решенија се специфични и автономни.
Банките да бидат носители на даночната амнестија
Кој модел е соодветен за Македонија?
- Со цел да се минимизира какво било политичко влијание, недоверба или злоупотреба, треба да се искористи најздравото ткиво во македонското стопанство, а тоа е банкарството. На истекот на светската финансика криза можеме да кажеме дека македонските банки го преживаеја стресот. Македонија има малку банки, но исклучително стабилни. Главни носители на даночната амнестија треба да бидат токму банките за да се отстранат сомнежите дека институциите во иднина може да ги злоупотребат податоците и да се создаде, условно кажано, одмазда кон тие што ќе ги извадат парите на виделина. Јас ќе симулирам еден многу прост модел. Да претпоставиме дека лице НН или компанија НН има средства во странска банка. Со најнормална банкарска трансакција тие пари ќе се префрлат во Македонија, во банка по избор на сопственикот на парите. Банката ќе ги почитува сите правила на банкарското работење и банкарската тајна. Доколку се донесе политичка одлука дека тие пари ќе се оданочат со одредена даночна стапка, тогаш пред УЈП како даночен обврзник ќе се појави банката. Таа партија ќе биде шифрирана и ќе биде банкарска тајна, која може да биде нарушена само со судска наредба за потреби на кривична постапка. Прашањето за внесување на пари од криминал, како трговија со луѓе, оружје, дрога, тероризам, го тргам целосно настрана, бидејќи постојат доволно филтри за да се заштитеме од влез на нечисти пари.
Кога би дошло до законско регулирање на даночната амнестија, одредени одредби од Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам би требало да бидат суспендирани додека важи даночната амнестија. Значи, кога ќе има трансфер на сума над 15.000 евра, тој нема да се декларира пред надлежната управа, туку ќе се уреди буквално со помош на банките, на посебни партии. Сега прашањето е колку би сакале да ја направиме даночната амнестија атрактивна во поглед на даночните стапки. Според мене, тие би требало да бидат многу симболични, од 1% до 5%. Полнењето на буџетот е второстепено и неважно прашање. Ако тие пари бидат наменети за инвестиции во период од 2-3 години, тогаш воопшто не треба да бидат оданочени.
Колку пари очекувате да бидат вратени за една година?
- Јас би бил скромен и си земам за право да дадам ваква процена. Доколку даночната амнестија донесе една милијарда евра, можеме да прогласиме дека процесот е успешен. Тоа е најпесиместичкото сценарио, но еве да бидеме реални. Секој нека замисли што значат една милијарда евра во рок од една година за економските текови. Не можам да речам дека ќе се случи економски бум, но ќе се случи едно големо економско заживување и тоа ќе се одрази на сите пазари. Пред се во сферата на градежништвото. Како што ќе се инвестираат парите и ќе се одразат во потрошувачката, така ќе има секундарни ефекти врз буџетот, што повторно ќе резултира со нов циклус инвестиции.
Верувате ли дека Владата е подготвена да ја прифати оваа идеја?
- Се уште не. Секоја влада е политичка. Имаме легитимна политичка влада и нормално е дека во носењето на одлуките влијае политичкиот фактор. Кога дискутирам на тема даночна амнестија, буквално го изолирам политичкиот момент од дискусијата.
Излегуваме од кризата
Завршува годината и веќе ги имате фискалните биланси за 2010 година. Што покажуваат?
- Покажуваат дека излегуваме од кризата. Како што македонските банки го издржаа стрес-тестот на светската економска криза, слободно можам да кажам дека и УЈП го издржа стрес-тестот на сите случувања во македонското стопанство. Оценките може да одат во две насоки. Врз принципот на желба дека секогаш сакаме повеќе и можеме повеќе и врз реалноста. Приливот на даночни приходи говори дека се стабилизира македонското стопанство. Веќе не говориме за минуси, туку за натфрлање во однос на истиот период од минатата година. Единаесетте месеци на 2010 се подобри од цела 2009, која беше најкризна, а третиот и четвртиот квартал се многу подобри во однос на првиот и втортиот. Тоа зборува дека сме на вистински пат и дека македонската економија полека, но сигурно заздравува. За 3% се поголеми приходите во однос на истиот период минатата година. Тоа е добро, иако треба да се земе предвид дека 2009 година македонската даночна администрација ја обележа како најуспешна во Европа. Иако во 2009 кога имаше огромни падови на буџетските приходи во цела Европа, ние одржавме високостабилна наплата. Наплатата на даноците е за 23% поголема отколку во 2006 и 2007 година, кога буквално кажано Господ одеше по земјата во бизнисот. За 11 месеци имаме наплатено 33,9 милијарди денари по основ на ДДВ, а ако знаеме дека тој е најрепрезентативен данок, тоа е за 8% повеќе во однос на 2009 година. Кај приходите од данокот на добивка треба да ги имаме предвид законските олеснувања за компаниите.
Во проекциите на буџетот за 2011 година даночните приходи се зголемени. По кој основ ќе се зголемува даночниот прилив, ќе има поголемо зафаќање од економијата, очекувате зголемена економска активност или ќе ја зголемувате даночната база?
- Во изминативе четири години, особено минатата, кога притисокот беше најголем, ние докажавме дека УЈП не ги наплаќа парите со пресија. Кога се зборува за даночното оптоварување на стопанството, колку УЈП ги исцрпува компаниите, има една невидена небулоза, која може да помине само кај луѓе кои апсолутно немаат никаков допир со прашањето на даноците. Не може да се наплати данок ако нема економска активност. Не може УЈП да наплати повеќе даноци со притисок. Значи очекувањата за поголема наплата на даноци се должат на економскиот оптимизам дека ќе има поголем економски раст во 2011 година. Не дека ќе се случуваат чуда во Македонија, туку такви се трендовите во регионот, Европа и во светот. Друго прашање е што секоја година со нашата ефикасност ја прошируваме даночната база, не со тоа што воведуваме скриени даноци и оданочување на компаниите со нешто што вчера не се оданочувало, туку преку фер и еднаков третман ги вклучуваме сивите бизниси во легалната економија. За четири години го зголемивме за 16% бројот на даночни обврзници.
Велите дека кризата полека попушта во македонската економија. Сепак, колку годинава беше голема и критична кризата во државната каса имајќи ја предвид кризата во економијата?
- За државната каса најмеродавен е да зборува министерот за финансии. Минатата недела на Финекспо јас многу отворено проговорив на оваа тема и во медиумите се пренесе дека директорот на УЈП јавно “призна“ дека имало проблеми со полнењето на државната каса. Јас само кажав неколку модели, наши сознанија, што се случи во 2010 година како последица од случувањата од 2009 година. Што значи тоа? Дека ние во Македонија се соочивме со вештачка неликвидност поради страв кај менаџерите. Неликвидноста ја почувствувавме во секојдневието и нормално дека во одредени периоди се одрази и врз даночниот прилив во буџетската каса. Благовремено, УЈП апелираше, односно сакавме радикални решенија, што е нормално од позиција на даночници. Сакавме да ги пренесеме најновите светски трендови како тоа треба да се регулира. Но, политичката и проценката на другите релевантни фактори беше дека нема потреба од такви одлуки и дека ќе се најдат доволно сили да се финансира државната каса како во најдобрите години. Тоа беше дополнителен напор за УЈП, а верувам и за Министерството за финансии. Но, бројките покажуваат дека се издржа и успеа во тоа. Најмногу се шпекулираше околу враќањето на ДДВ. Јас бев тој кој го “призна“ доцнењето на враќањето на ДДВ, иако јасно кажав дека доколку на компаниите им вратиме ДДВ во рок од 7 до 15 дена, а законот предвидува рок од 30 дена, тогаш само сме се поместиле во законскиот рок од 30 дена. А ако некој на тоа гледа како доцнење на враќањето на ДДВ, тогаш тоа е субјективно гледиште кое не вреди да се дискутира.