Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
            1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31          
Recnik
Даночен систем во Република Северна Македонија

Малку историја

Што е фискален систем?

Што се тоа даноци?

Видови даноци

Малку историја

Во почетокот на 90-тите години, со воведување на новиот економски систем во Република Македонија, се воведе и нов фискален систем, заснован на принципите на пазарна економија, приватна сопственост, самостојност на економските субјекти...Нов принцип кој е вграден во сегашниот фискален систем на Македонија е принципот на алокативна неутралност на даноците и буџетот, според кој, со инструментите на фискалната политика нема да се поттикнуваат и поддржуваат определени сектори.
Нов значаен принцип е укинувањето на поголемиот број придонеси и нивното заменување со даноци. Задржани се само придонесите за социјалните фондови, односно придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување. Се афирмира и принципот на префрлање на даночната оптовареност од директните на индиректните даноци, што значи намалување на учеството на даноците од доход, а зголемување на даноците на потрошувачка.
Во 1994 година отпочнува првата реформа на даночниот систем на Република Македонија со новиот Закон за персонален данок на доход (ЗПДД), Законот за данокот на добивка (ЗДД), Законот за даноците на имот, и кога отпочнува да функционира Управата за јавни приходи (УЈП) како институција надлежна за утврдување, наплата и контрола на даноците во Македонија за сите даночни обврзници.
Акт за основање на Управата за јавни приходи во Република Македонија е Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на РМ“, бр.80 од 30.12.1993 година и во примена од 01.01.1994 година). Со донесување на овој закон постојната Републичка управа за приходи и нејзините подрачни органи – одделенијата за даноци и одделенијата за инспекција, продолжуваат да работат како Управа за јавни приходи со нов делокруг утврден со овој закон. Новата институција ги презема и ги вклучува во својот состав и вработените од Службата на општествено книговодство на Македонија кои работат на работи на контрола.
Како најголема реформа на македонскиот даночен систем се смета воведувањето на данокот на додадена вредност на 01 април 2000 година (ДДВ-то го заменува претходниот данок на промет на производи и услуги) и новиот систем на оданочување на добрата подложни на акциза во 2001 година.
Законот за Управата за јавни приходи донесен во месец септември 2005 година, со измените и дополнувањата кои уследија потоа, претставува сегашна правна рамка која го одредува делокругот, организацијата, начинот на вршење на работата и раководењето, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоците во врска со работите на УЈП.
Со донесување на процесниот Закон за даночна постапка во 2006 година се регулира општото даночно право и даночната управна постапка, постапката на утврдување на данокот, постапката на контрола, постапката на наплата на јавните приходи, правата и обврските на даночните обврзници, постапката по жалба, водењето на прекршочната постапка и прекршочните одредби.


Што е фискален систем?

Фискален систем на една земја го подразбира системот на јавните расходи што се применуваат во таа земја.

Јавни приходи

се приходите што се наплаќаат од граѓаните и стопанството заради обезбедување на средства за финансирање на функциите на државата за задоволување на општите и заедничките потреби.
Во повеќето земји државата обезбедува и сопствени приходи од имотот во државна сопственост. Но, тие приходи најчесто не се доволни за финансирање на сите функции кои се од интерес на граѓаните и на државата во целост. Затоа во сите земји, покрај приходите од својот имот, државите се обврзани да наплатуваат и приходи од други извори.
Едно од основните и традиционалните права на државата е, да воведува обврска за граѓаните и фирмите да придонесуваат за покривање на јавните расходи, одвојувајќи дел од своите приходи и од својот имот. Најчесто прифатен принцип е дека секој граѓанин треба да учествува во јавните приходи според својата финансиска моќ. Овој принцип е содржан во член 33 од Уставот на Република Северна Македонија:

„Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во
намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон„

Во последните години, преку даноците се собираат околу 26-27% од општествениот производ.

Во Република Северна Македонија билансот на приходите го сочинуваат: приходи од државните и јавните претпријатија и институции, даноци, придонеси, царини, такси, јавни заеми, подароци и помош.
Иако се наброени различни видови приходи, сепак освен јавните заеми и подароци сите други видови јавни приходи, всушност претставуваат некој вид на данок, со што целиот систем на јавни приходи се изедначува со даночниот систем во кој даноците претставуваат повеќе од 80% од приходите на Буџетот на Република Северна Македонија.


Што се тоа даноци?

Даноците се јавен приход кој произлегува од обврската што ја наложува државата кон граѓаните и на претпријатијата задолжително да издвојуваат дел од својот приход, промет или имот за задоволување на државните потреби.
Основната функција е фискална, но многу често даноците се користат за постигнување на определени економски и социјални цели, остварување на стабилизационата политика и за сузбивање на инфлацијата..

Основни елементи на секој даночен систем се:

1.Предмет на оданочување
Предмет на оданочување се: приходите, прометот и имотот. Определување на предметот (објектот) на оданочување значи истовремено определување и на видовите даноци кои ќе се плаќаат.
Порано земјоделството било најважна дејност, а земјата најзначаен имот, па затоа и предмет на оданочување главно била земјата и приходите од земјата, а подоцна и другите видови имот како што се зградите, капиталот, приходите.
Со тек на времето значајно пораснала и улогата на потрошувачката, односно прометот. Државата посебно воведувала и наплатувала данок на некои производи на кои имала монопол, како што биле солта и тутунот. Државата наплаќала царини, трошарина, патарина и други слични давачки кои имат облик на данок на потрошувачка.

2. Даночен обврзник
Важно прашање за секој вид данок е - кој е даночниот обврзник, или даночен исплатител, на чив товар паѓа данокот, но и кој треба да го плаќа данокот?
Носители на даночната обврска се субјектите кои остваруваат некоја дејност и имаат различен организациски облик, како и граѓаните.

3. Даночна основица
Даночна основица е оној обем и износ од предметот на оданочување врз кој се пресметува данок. На пример, даноците на потрошувачка (индиректните даноци) вообичаено е да се плаќаат на извршениот промет на добра или услуги, а данокот на доход (директни даноци) да се плаќа на сите приходи што ги има граѓанинот по сите основи во текот на една година..

4. Даночна стапка
Даночната стапка е процентот, делот што треба да се плати во вид на данок на утврдента даночна основа. Ако даночната стапка е утврдена на 10%, тоа значи дека толкав процент применет на даночната основа треба да се плати како данок на државата.

Најчесто се пратикуваат два вида даночни стапки:
- Пропорционални и
- Прогресивни

Плаќањето на данок по пропорционална стапка значи да се плаќа данок секогаш со иста стапка, независно од големината на прометот или приходот.
Прогресивните стапки воглавно се користат за оданочување на доход, добивки или приходи, и значат примена на стапки кои се зголемуваат со зголемување на основата, според износи лимитирани со закон.


Видови даноци

Поделба на даноците во нашиот даночен систем се врши на следниот начин:

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија