Владата на Република Северна Македонија на 10-тата седница одржана на 01 Февруари 2022 година го усвои Извештајот за извршените преговори за усогласување на Договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за учество на нашата држава во Програмата Фискалис 2021-2027 година.
Фискалис 2021-2027 е насочена на поддршка на даночните администрации и оданочувањето со цел подобрување на функционирањето на внатрешниот пазар, поттикнување на конкурентноста и правичната конкуренција, заштита на финансиските и економските интереси на Унијата и нејзините земји-членки, вклучително и заштита на тие интереси од даночна измама, даночно затајување и избегнување данок, како и подобрување на наплатата на даноците.
Активности кои се имплементираат согласно програмата Фискалис 2021-2027 се состаноци и ад хок настани; структурирана соработка заснована на проекти; акции за градење на ИТ капацитети, особено развој и функционирање на европските електронски системи; активности за градење човечките ресурси и други активности за градење капацитети; акции за поддршка и други акции, вклучувајќи подготовки на студии и друг релевантен писмен материјал; иновативни активности, особено докажување концепти, пилот проекти и иницијативи за прототипови; заеднички развиени комуникациски акции и други релевантни активности.
Управата за јавни приходи активно учествуваше во програмата Фискалис 2008-2013 година, како и Фискалис 2014 -2020 година.
За периодот 2021-2027 година, правната рамка за учество во активностите за Програмата Фискалис е донесена од страна на Европската Комисија со усвојување на Регулативата (ЕУ) 2021/847 на Европскиот парламент и на Советот од 21.05.2021 година. Одговорна институција за управување и спроведувањето на оваа Програма во рамки на Европската унија е Генералниот директорат за даноци и царини на ЕУ (DG TAXUD), додека од страна на Република Северна Македонија е Министерство за финансии преку Управата за јавни приходи.