Управата за јавни приходи ги има предвид укажувањата на некои даночни обврзници по однос на предизвиците со кои се соочуваат при издавање на потврди за платени даноци поради што сакаме да укажеме дека целосно сме свесни дека овој документ е неопходен за навремено учество во тендерски, банкарски и други правни постапки и дека секое доцнење во неговото издавање може да создаде реални пречки за бизнисот. Токму затоа, ова прашање го третираме со висок приоритет.
Во интерес на транспарентност, сакаме да појасниме дека процесот на издавање на потврдата вклучува детални проверки во повеќе електронски и хартиени евиденции во УЈП кои сèуште не се целосно интегрирани. Ова значително го отежнува процесот на проверка и може да доведе до подолго време на обработка во одредени случаи. Немаме јасна претстава дали проверките во минатото биле подеднакво темелни.
Во насока на подобрување веќе неколку месеци работиме на софтверска апликација која ќе го автоматизира најголемиот дел од процесот. Со ова решение очекуваме значително да го скратиме времето на обработка и да овозможиме пократки рокови за издавање на потврдата. Според нашите планови, со старт на имплементацијата во јули 2025 година, во најголем број случаи потврдата ќе се издава во рок од пет работни дена, додека посложените случаи ќе останат во рамки на законскиот рок од 15 дена.
Истовремено, апелираме до компаниите при поднесување на барање за потврда дека немаат даночен долг, претходно да извршат проверка и евентуално плаќање на доспеаните обврски. На овој начин ќе се избегнат дополнителни одложувања на процесот.
Уверуваме дека сме посветени на тоа оваа услуга да биде не само побрза, туку и правично спроведена, со институционален интегритет и јасни процедури. Целта ни е компаниите да имаат сигурна и ефикасна поддршка од УЈП, со што ќе се придонесе за предвидливо деловно опкружување.
Ве известуваме дека во февруари 2025 година, УЈП ја промовираше новата услуга – електронско уверение за состојба на остварен приход, која е целосно автоматизирана и овозможува брзо и едноставно издавање на документот во рок од 5 минути, со лесен пристап преку платформата „е-Даночни услуги“.
Ви благодариме на разбирањето. Остануваме отворени за соработка и заеднички придонес за унапредување на услугите кон деловната заедница.