Memorandum_mk
11.07.2025
WeLead по трет пат го обедини регионот – УЈП преку проектот се вмрежува и презентира институционален капацитет

Претставници од Управата за јавни приходи (УЈП), за прв пат се јавуваат како учесници во престижниот ЕУ проект „WeLead – Шема на ЕУ за млади професионалци во Западен Балкан“, имплементиран од ЦЕФ Љубљана (Center of Excellence in Finance).

На воведниот настан, „WeLead Jumbo meeting“ кој се одржа на 1 и 2 јули 2025 година во Љубљана, се собраа околу 50 учесници, меѓу кои млади јавни службеници, претставници на институции од Западен Балкан, високи гости и алумни на програмата.

Целта на проектот е градење нови лидерски вештини кај младите кои работат во јавната администрација во Западен Балкан. Почетниот состанок беше искористен за вмрежување и градење пријателства со колеги, претставници од други институции од регионот, прибирање факти и мислења од водечки политичари и функционери од Република Словенија.
Во текот на двата дена, учесниците активно се вклучија во отворен дијалог и размена на искуства, при што беа опфатени низа значајни теми.

Посебен фокус беше ставен на процесот на евроинтеграции и условите што институциите треба да ги исполнат во тој контекст, како и на моделите на соработка со институции од Европската унија, вклучувајќи твининг проекти, размена на информации и учество на регионални и европски форуми. Присутните имаа можност преку интерактивни сесии да го истражат својот индивидуален лидерски потенцијал, гледајќи низ призмата на љубопитноста, емпатијата и соработката — клучни вредности за унапредување на меѓусебната доверба и процесите на помирување во регионот.
Претставниците од УЈП беа активни учесници во работните групи, при што имаа можност да ги демонстрираат своите професионални вештини, визијата и ангажманот во процесите на интеграција во ЕУ.

По воведниот состанок, учесниците продолжуваат со вклученост во програмските компоненти на проектот поделени во три различни групи:

  • WeWrite – пишување policy paper под менторство на искусни професионалци од правецот
  • WeCoach – менторство за развој на лидерски вештини од страна на сертифициран тренер
  • WeExperience – посета на различни институции во земјите од регионот и Европската унија со цел размена на искуства и прибирање информации

Освен овие компоненти, сите учесници се дел и од компонентите „WeLearn“, „WeShare“ и „WeConnect“, каде се спроведува континуирана едукација поврзана со темата на проектот. Овој проект ќе трае една година и истиот претставува значајна можност за поврзување со останати професионалци кои делат иста визија и придонесуваат кон подобрување на регионалната соработка. Преку учеството на претставниците од УЈП, институцијата покажува посветеност кон градење на модерно, европски ориентирано и институционално визионерско лидерство.
Програмата „WeLead“ не само што го обедини регионот по трет пат, туку продолжува да гради стабилни мостови кон европската иднина. Проектот „WeLead“ е поддржан од Европска Унија, а имплементиран од Центар за извондредност во финансиите (ЦЕФ) Љубљана.

     

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија